X
 08.05.2017 Култура

Со „Македонисимо“ Трпчески ќе ја промовира нашата музика низ светот

И додека синоќа и вечерва (8 мај) учествува на изведбата на Гершвиновата „Рапсодија во сино“ на два концерта во Вајмар, Германија пијанистот Симон Трпчески веќе следната недела го очекува уште еден подвиг – светската премиера на неговиот најнов проект со музика од Македонија, насловен „Македонисимо“. Честа прва да го слушне ќе ја има токму германската публика на 18 мај во рамките на престижниот Фестивал во Лудвигсбург.


 
Симон Трпчевски, Коста Шахов и Влатко Нушев

Трпчески го посветува проектот на македонскиот народ и го нарекува „ептен македонско“.

-Станува збор за проект со македонска музика на кој што му се радувам искрено, како на мало дете. Многу долго време работев на него во мојата глава, од големиот број обврски досега немав можност да го реализирам, но среќен сум што конечно се случува. Јас го отворив фестивалот во Лудвигсбург лани, заедно со музичкиот уметнички директор, финскиот диригент Пиетари Инкинен. Луѓето беа одушевени и на многу спонтаната покана да настапам повторно ја кажав својата идеја и проектот на кој што работев и во тој период. Тие со отворено срце ја прифатија оваа идеја и посакаа проектов да се презентира кај нив – објаснува Трпчески.
Тој објаснува дека проектот вклучува сплетови од македонски ора со неколку песни „кои би донеле еден шарм на целата инструментална димензија на овој проект“.

-Тие сплетови јас лично ги избрав и конципирав и при тоа би сакал да им се заблагодарам на вработените во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ за нивниот професионален придонес, совети, информации и материјали што ми беа од огромна помош, како и на вработените во  Ансамблот за народни игри и песни „Танец“, кои исто така ми помогнаа во подготовката – вели нашиот маестро, кој додава дека се радува на повторната соработка со македонскиот композитор Панде Шахов. Тој ја потпишува музичката обработка на музичките дела. 

Станува збор за проект што вклучува квинтет, камерно видување на нашата музика, односно вклучува пијано, виолина, виолончело, кларинет, саксофон и кавал и еден цел сет удиралки.

На светската премиера во Лудвигсбург, покрај мене ќе настапат и Александар Краповски, на виолина (работи во Операта во Барселона), Александар Сомов од Бугарија на виолончело (водач на челисти во Стразбуршката филхармонија,Франција). На кларинет, саксофон и на кавал специјално за оваа прилика, ќе настапи Хидан Мамудов од Штип (кој живее и работи во Виена), а зад удиралките ќе застане мојот колега Влатко Нушев.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура