X
 18.01.2020 Наша тема

Студира класична музика во Холандија... Ирина веќе имала три солистички концерти

Холандската публика беше многу пријатна и топла. Тука класичната музика е многу ценета меѓу народот и тоа ме радува

Ирина Трајковска студира класична музика во лулката на уметноста - Холандија. Минатиот месец веќе имала три солистички концерти пред холандската публика. Вели дека е опкружена со култура и се чувствува како дома, а најголема радост ѝ се дружбите со колеги од целиот свет, како Малезија, Индија, Канада, но и собирањето знаење од врвни виолинисти.

- Студирам во класата на реномираниот полски виолинист Пјотр Јашурковски во Холандија, поточно најјужниот град Мастрихт. Тука дојдов пред три години, претходно завршив средно образование во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на професорот Ерхан Шукри. Посебна гордост ми претставува да студирам додипломски студии кај Јашурковски. Непосредно пред да бидам примена во неговата класа соработував и со Роберт Шредер (Блед, Словенија), истакнат педагог и виолинист кој ми ја поддржа иницијативата за студирање во Холандија. Студиите овде се стимулативни, напредни и високо ценети - вели Трајковска.



Опкружена сум со култура и се чувствувам како дома

Финансиската поддршка за студирањето ѝ ја овозможи холандското министерство за култура (Excellence scholarship, Holland grant). Трајковска вели дека во овие три години се надградила како личност и како професионалец. Имала можност да учествува во многубројни проекти во оркестар, како концерт-мајстор на ансамбл и солист. Редовни учества на годишната манифестација „Night of Classical Music“, соработка со диригенти со светско реноме како Роланд Боер (Германија), Арјан Тиен (Хаг, Холандија), членство во Академскиот оркестар на Мастрихт, промоција на премиерни дела од Јан Езендам (Холандија), Јунганс Јоаким (Германија) и многу други камерни ансамбли и концертни пригоди. Но, од сите настапи ја издвојува последната мини-турнеја.


Ирина гордо ја покажува најавата за нејзиниот концерт

- Со Академскиот камерен оркестар „Musica Facta Est“ под палката на Лучијано Мелони беа одржани три концерти со музиката на Ј. С. Бах и јас, како солист, се претставив во три града во провинцијата Лимбург, Холандија. Трите концерти беа доста посетени и веќе е во тек планирање на следни перформанси. Холандската публика беше многу пријатна и топла. Тука класичната музика е многу ценета меѓу народот и тоа ме радува - објаснува таа.
Најголема поддршка има од нејзината фамилија и нејзините професори, за кои вели дека безусловно верувале во неа и ја охрабрувале да продолжи напред.

- Задоволство е да се студира класична музика во срцето на Европа - лулката на уметноста. Опкружена сум со култура и се чувствувам како дома.

Се следи индивидуалниот прогрес на секој студент

Веќе во втората година од нејзиното средно образование почнала да истражува за музичките конзерваториуми и академии во регионот и во странство. Но, вниманието ѝ го привлекол Конзерваториум Мастрихт поради брилијантноста на виолинската катедра.
- За овој факултет се одлучив и поради интернационалната програма на англиски јазик, понудата на стипендии и добрите оцени. Приемните испити беа одлучувачки и обемни. Бев тестирана по секој музички теоретски предмет и добив едногласно „да“ од комисијата за приемниот по виолина.



Ја прашавме и по што се разликува холандското образование од нашето, кои се предностите?
- Образованието тука е добро организирано, професорите се многу отворени и достапни, критериумите се јасни, постои модерна и целосна опременост. Разликите ги согледувам секојдневно. Третманот кон студентите, условите и сериозноста се на многу високо ниво. Во еден просечен ден наутро ги завршувам сите теоретски предавања, потоа можам да го посветам најголемиот дел од денот на вежбање виолина и часови со мојот професор. Подоцна имам проби со жичениот квартет и со академските оркестри. Интензивно го изучувам холандскиот јазик така што со тоа го заокружувам денот кога сите проби се завршени.



За нејзиниот ментор по виолина вели дека е многу разбирлив и коректен, а истовремено знае и како да го извлече максимумот од неа.
- Преостанатите професори од групните предавања го следат индивидуалниот прогрес на секој студент поединечно. Постои доза на строгост, но се остава и многу простор за креативност и самоистражување во студиите.




Таа би сакала да продолжи на последипломски студии во Хаг или Амстердам.

- Секако, времето ќе каже дали ќе биде така, но би сакала да продолжам да соработувам со моите колеги и да организирам независни концерти како претходните. Себеси се гледам во овој дел од Европа, но сѐ останува на тоа колку труд вложувам и кои услови ќе ми се понудат - вели Трајковска.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема