Еден компјутерџија од Велика Британија случајно активирал програма за гаснење малициозен софтвер и така ги спречил хакерските напади врз институциите и компаниите во стотина земји низ светот, вклучувајќи и британски болници.
Британскиот истражувач, на интернет препознатлив како 22-годишниот MalwareTech, открил дека софтверот може да се спречи преку регистрирање со изопачено име на сајтот, пренесува „
Гардијан“.
„Ова не е готово. Напаѓачите ќе сфатат дека сме ги спречиле, ќе го променат кодот и потоа повторно ќе се обидат“, рекол тој.
Компјутерџијата апелирал корисниците на оперативниот систем „Виндоус“ да ги ажурираат своите системи, за да не им бидат „киднапирани“ и да мораат да платат „откуп“ за повторен пристап.
Полициската служба на ЕУ, „Европол“, оценила дека во тек е сајбер напад „без преседан“, и дека компанијата „Мајкрософт“ презела необичен чекор нудејќи ажурирање на застарените верзии на својот ОС „Виндоус“ како заштитна мерка.
„Мајкрософт“ нуди помош
Пред неодамнешните напади, „Мајкрософт“ направил корекции за старите системи како што е „Windows XP“ од 2001 година, кои им се достапни претежно на големите организации кои плаќаат дополнително, но милионите поединци и мали компании сѐ уште ги немаат коригираните системи.
Како што е соопштено, корекциите на „Мајкрософт“ сега се бесплатни за сите корисници.
Нападите биле насочени кон ранливите сегменти на „Виндоус“. Дополнителните корекции „Мајкрософт“ ги објавил во март, но цел на нападот биле компјутерите во кои не биле вградени овие поправки. Малициозната програма што се шири преку електронската пошта, преку „блутут“ врска или на друг начин влегува во програмата на компјутерот, ја користи оваа слабост на софтверот и брзо се шири, што е случај во британските болници.
Како „откуп“ за одблокирање на компјутерите, вообичаено се бараат по 300 долари, но „откупнината“ постојано расте од час во час. Засега се нападнати околу 75.000 компјутерски системи, а најпогодени се европски земји, вклучително и Русија.
Една од погодените организации е и британската Национална здравствена служба (NHS), чии компјутери ширум земјата се соборени „еден по еден“.
Преку уфрлениот вирус „WannaCrypt“, за повторно пристапување до содржините во компјутерите им барале по 300 долари од компјутер, во виртуелната валута биткоин. Поради тоа што болниците не можеле да пристапат до податоците на пациентите, биле откажани и некои операции.
Меѓу погодените организации е и германската железница (Deutsche Bahn), од каде соопштиле дека нападот не го нарушил возниот сообраќај, но дека не работеле станичните огласни табли.
Радио Словенија јавило дека фабриката на францускиот автомобилски гигант „Рено“ во Ново Место од петокот не работи поради напад на нивниот систем, а пријавени се и неколку напади на компјутери на граѓани.