X
 17.05.2017 Култура

Италија раздава дворци и замоци - бесплатно!


Замок во Италија
(Фото: Agenzia del Demanio)

Италија ќе распредели повеќе од стотина историски зданија ширум земјата, а понудата вклучува дворци, фарми, манастири и замоци.

Меѓутоа, постои една  „мала финта“. Добитниците на градбите се обврзуваат да ги претворат во туристички атракции – како хотели, ресторани или продавници. Во овој случај, предност имаат  претприемачи помлади од 40 години, кои ќе имаат должност да ги „преродат“ сите тие локации.

„Проектот има за цел промоција и поддршка на развојот на бавниот туристички сектор. Крајна цел е да се трансформираат запуштените приватни и јавни зданија во установи за аџии, туристи и велосипедисти“, вели Роберто Реџи, а пренесува „Food and Wine“.

Запуштените згради се наоѓаат на осум историски маршрути, како што се Виа Апија, која го спојува Рим со југот од Апенинскиот Полуостров, или Виа Францингена, која го поврзува Рим со северот на Италија. На списокот од 103 градби, се наоѓаат стари училишта, крчми и палати. Една од најскапите е Кастело ди Блера, дворец од 11 век во Лацио, кој е сместен на една карпа.

Потенцијално заинтересираните претприемачи можат да ја разгледаат и кулата Торе дела Бастиља, во близината на Болоња, изградена во 12 век, како заштита на блискиот дворец. Оние пак кои преферираат урбани средини можат да ја разгледаат старата поштенска канцеларија во средовековното село Касертавечија.

Заинтересираните ќе мораат да претстават детален план за реновирање и трансформација на зданијата. Властите потоа ќе им издадат концесија на 9 години, со можност за продолжување на дополнителни 9 години. Новите сопственици на градбите би требало за бидат подготвени за бизнис веќе следната година.

На сите заинтересирани кои нема да успеат во овој круг од натпреварот, властите планираат да им понудат дополнителни двеста зданија во текот на наредните две години.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура