X
 18.05.2017 Технологија

Како најлесно да проверите дали купувате украден мобилен телефон?


Смартфон на маса
(Фото: Pixabay)

Ако купувате мобилен телефон преку оглас, секако дека треба да внимавате на повеќе работи. Прво, ако плаќате на „невидено“ и очекувате мобилниот да ви стигне по пошта, би можеле да бидете непријатно изненадени ако во пакетот најдете нешто сосема „трето“.

Измамите се прилично возможни и затоа најдобро е пред купувањето на каков било уред добро да го погледнете. Но, дури и тогаш постои можност да купите уред кој бил украден од поранешниот сопственик.

Како најлесно  да проверите дали тој уред е пријавен како украден?  Одговорот е едноставен: со помош на IMEI бројот што се добива откако ќе го напишете кодот: *#06#.

Тие броеви можат да се пронајдат и на задната страна од уредот, на кутијата од производот или на местото каде што се наоѓа батеријата.

Американските телеоператори имаат заедничка база на податоци каде се складираат броевите на уредите што се пријавени како украдени и нема да дозволат нивно вклучување во мрежата,  пишува „Verge“.

Дополнително, во САД е пуштена во оптек и страница каде ќе можете да проверите дали се работи за украден уред.  Доволно е само на Stolen Phone Checker да се внесе IMEI бројот, и набрзо ќе дознаете дали продавачот ја зборува вистината. Оваа страница е ограничена само на територијата на САД.

Но, ова не е прв ваков сервис. Страницата ImeiPro нема такво ограничување и може да ви открие дали станува збор за украдена стока. На страницата се наведува дека можете да проверите дали мобилниот телефон е украден каде било во светот, а прецизноста на нивните податоци изнесува 99,9%!

Постои можност да се пријави и исчезнат телефон, без оглед  дали се работи за изгубен или украден уред.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија