X
 27.05.2017 Образование

Нова метода која ги тера учениците да внимаваат на час

Бизнис училиште во Париз наскоро ќе започне да користи вештачка интелигенција и анализа на лицето за да открие дали учениците обрнуваат внимание за време на часот.

вештачка

Софтверот, наречен „Nestor“ ќе се корити на два онлајн часови на „ESG“ бизнис училиштето во септември. „LCA Learning“, компанијата позади софтверот минатата недела ја претстави технологијата на настан во Њујорк.

„Идејата позади софтверот е да се искористат податоците кои „Nestor“ ги собира со цел да се подобрат перформансите и на професорите и на учениците. Софтверот ги користи веб камерите на учениците за да ги анализира движењата на очите и изразите на лицето и открива дали учениците обрнуваат внимание на видео лекцијата“, вели основачот на „LCA“, Марсел Сосет.

Со софтверот и професорите ќе можат да ги идентификуваат моментите кога учениците нема да обрнат внимание, со што ќе им помогне да го подобрат нивното предавање.

На почеток, технологијата ќе се користи само за онлајн часови, иако Сосет се надева дека ќе успеат да лансираат и верзија која на учениците ќе може да им испраќа известувања во реално време кога тие нема да обрнуваат внимание. Тој додава дека технологијата би можела да ги подобри перформансите на учениците кои посетуваат масивни отворени онлајн курсеви. „Проблемот со онлајн курсевите е што тие не функционираат“, вели тој.

„Nestor“ се смета за прва вештачка интелигенција која го води класот, иако тоа не е сосема точно. Софтверот не е способен да едуцира, а ова не е првпат училиштата да експериментираат со слични технологии. Бизнис училиштето „IE“ во Мадрид неодамна го создаде „WOW Room“ каде професорите стојат пред ѕид од екрани и им предаваат на учениците кои следат онлајн. Исто како „Nestor“ и овој софтвер користи системи за препознавање на емоциите за да го мери вниманието на учениците.

Оние кои се залагаат за вештачка интелигенција во образованието велат дека оваа технологија може да се користи како дигитален тутор кој ќе се прилагоди на индивидуалните потреби на ученикот и ќе му помогне да развие поефикасни навики во учењето. Но, други пак се загрижени за тоа што ќе се случи со собраните податоци. Сосет вели дека „Nestor“ нема да ги чува видео снимките, а неговата компанија не планира да ги продава податоците кои ќе ги собере.

Роуз Лакин, професор во Лабораторијата „Знаење“ при Универзитетскиот колеџ во Лондон вели дека вештачката интелигенција би можела да ја отклучи црната кутија на учењето преку обезбедување на информации за тоа како и кога се случува учењето. Таа вели дека ваквата програма би била корисна за ученици кои земаат онлајн часови бидејќи нема човек кој ги гледа и следи што прават.

И додека некои се загрижени дека вештачката интелигенција еден ден може да ги замени наставниците, Лакин гледа на технологијата повеќе како на асистент, а не замена.

„Човечкиот контакт нема да исчезне. Секогаш ќе постојат професори“, вели таа.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование