Фото: AFP
Свртена е уште една страница од историјата и започна создавањето на новиот светски поредок, а посебно новиот однос на Европа и Америка, и отворено е прашањето дали Америка и претседателот Доналд Трамп воопшто ѝ се потребни на Европа.
Во ова веруваат голем дел од институциите од Европската Унија и НАТО, со оглед на тоа што највлијателниот политичар на ЕУ и лидер на најмоќната држава на ЕУ, канцеларката Ангела Меркел, изјави дека помина времето кога ЕУ и Америка може да сметаат една на друга.
Меркел ова го презентирала на средбите на лидерите на ЕУ и НАТО со Трамп и нагласила дека Европејците вистински мораат да ја земат судбината во свои раце.
Со најголемо внимание аналитичарите и медиумите во Франција, чиј нов претседател Емануел Макрон, ја нагласи потребата преку зајакнување на германско-француската движечка сила, да се обнови ЕУ.
Парискиот весник „Mond“ заклучува дека на повидок е нова ера во германско-американските, а тоа значи и европските односи со Вашингтон, наведувајќи дека традиционалните повоени врски на Европа и Германија, се темелат на големата американска помош кон стариот континент.
Весникот наведува дека сега на Меркел ѝ изгледа далеку онаа Америка од времето кога претседателот Џон Ф.Кенеди во 1963 година, во Западен Берлин изјавил: „Јас сум Берлинец“.
Тоа се гледа и во политиката на Трамп, „Америка на прво место“ и фактот дека тој верува дека светската спогодба за заштита на животната средина не е во интерес на американската индустрија. Тој смета дека Европа мора сама темелно да се погрижи за сопствената одбрана, а не американските даночни обврзници да плаќаат за трошоците за НАТО.
Меркел веднаш после победата на Трамп на изборите во Америка процени дека не се само интересите, туку и вредностите се темел на американско-европскиот сојуз, а тука ги напомени и човековите права, незатворањето во сопствените граници и заштита на животната средина/
Американскиот портал „Politiko“ во своето европско издание дава две видувања на овој јасен пресврт во Германија, а тоа несомнено значи и пресверт на политиката на ЕУ кон Вашингтон.
Еден истакнат политичар смета дека не треба да се извлекуваат далекусежни заклучоци од изјавите на германската канцеларка, бидејќи Европа на крајот ќе сфати дека секогаш ѝ е потребна Америка.
Спротивно на тоа е мислењето дека сега е доведено во прашање основното начело од времето на создавање на НАТО, а тоа е дека Германија, поради искуството од двете светски војни, никогаш повторно нема да претставува закана за европската безбедност.
НАТО е воспоставен за „Русите да ги држи надвор, Американците внатре, а Германците во Европа“, тврди друг аналитичар. „Сега Меркел вели дека Американците не се во Европа, па оттука Германија и Европа мораат да имаат поважна и понезависна улога отколку во изминатите 70 години“, вели тој.
На ова мислење се надоврзува и парискиот весник „Figaro“ кој како и многу аналитичари и политичари во ЕУ и НАТО, оценува дека Трамп сериозно ги разниша сојузниците бидејќи одби да се изјасни за начелото на колективна одбрана во НАТО.
Италијанскиот весник „Republica“ во анализата истакнува дека Меркел во суштина порачала: „Не можеме повеќе да ѝ веруваме на Америка“.
Аналитичарите во ЕУ велат дека германската канцеларка потврдува дека со обновените германско-француски односи, сака да ја зајакне економската основа и одбрана на ЕУ, со големи инвестиции во воената индустрија.
Трамп ги отфрли големите светски комерцијални слободни зони и започна со креирање на билалтерални економски односи со големи меѓународни партнери, со цел да спречи „нефер трговија“.
Европските дипломатски претставници проценуваат дека пред ЕУ и НАТО се појавуваат сериозни проблеми кои разединетите Европејци тешко ќе ги решат. Исто така, се забележува дека новиот француски претседател Макрон допрва треба да ја докаже својата сила, државничка визија и способност.