Тие што соработувале со него во последните дваесетина години, за него едногласно споделуваат дека е редок професионалец со кого едноставно се соработува и комуницира. Роберт Алаѓозовски е новиот министер за култура на Република Македонија. Независната културна сцена, главно литературата, но и филмот, театарот се полињата на кои 43-годишниот министер е посветен повеќе од две децении. Тој денес седна во министерската фотелја, а ја презеде од Елизабета Канческа-Милевска, која го раководеше министерството безмалку девет години. Веќе имаше неформална средба со претставници на независната културна сцена, од „Кино Култура“.
Тој денес вети „култура за сите граѓани“.
-Главна цел на програмата, во делот на културата е културна демократија, решавање на наталожените проблеми и реформска, слободарска и европска Македонија. Реваншизам нема да постои, ќе има промени само таму каде што ќе се утврди незаконско работење – изјави новиот министер.
Роберт Алаѓозовски е роден на 27 октомври 1973 година во Струмица. Тој е преведувач, критичар, есеист, издавач. Дипломирал и магистрирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје. Автор е на зборникот уметнички и неуметнички текстови „Флорилегиј“ (издание на „Блесок“),„Des Postmodernismus beschuldigt“ (2003) и „Gro-Plan“ (2006) објавил повеќе од 150 рецензии, критики, есеи, студии, преводи на книги, главно од англиски јазик и текстови.
Бил уредник на неколку издавачки куќи и списанија. Од 2010 година ја води својата издавачка куќа „Готен“, година во која го објавил и својот прв роман „Готен“. Работи како уредник за списанието „Сараевски тетратки“.
Неговиот труд е вреднуван со неколку награди. Организатор е на резиденцијата „Апсолутно модерни“, во која писатели престојуваат и работат одреден период во Скопје.