Фото: Screenshot
Оваа година излегоа доста добри филмови. Тешко е објективно да се одредат најдобрите, па затоа се одлучивме да им веруваме на оцените на Ај-ем-ди-би, која важи за една од најпопуларните веб-страници за филмови. Во продолжение се 10-те со најдобри оцени.
10. „IT“
Оцена: 7,7
Оригиналната мини-серија од 90-тите години беше особено популарна и остана во меморијата на многу деца од таа генерација. Затоа не е чудно што истите тие деца и љубители на делата на Стивен Кинг едвај го дочекаа овогодишниот римејк. Новиот филм за помалку од еден месец по прикажувањето заработи неверојатни 478 милиони долари, а таа бројка досега порасна на 698 милиони долари, со што „It“ стана хорор-филм со најдобра заработка во историјата на филмовите.
9. „Star Wars: The Last Jedi“
Оцена: 7,7
Ова беше веројатно најочекуваниот филм за оваа година. Осмата епизода од серијалот е во режија на Рајан Џонсон, кој очигледно добро си ја завршил работата. Уште во првиот викенд на премиерата филмот заработи повеќе од 220 милиони долари, со што реализира втора најголема заработка во првиот викенд во историјата на филмовите. Филмот ќе остане запаметен меѓу фановите и по тоа што во него за последен пат глуми Кери Фишер, а истражувањата покажуваат дека принцезата Леиа е најомилениот лик меѓу фановите.
8. „Wind River“
Оцена: 7,8
Филмот е напнат трилер што ја следи новата ФБИ-агентка Натали на една од нејзините први задачи во зафрлен и непристапен индијански резерват. Таму се здружува со ловочуварот Кори Ламберт, кој е доста поврзан со индијанското население, но има грижа на совест поради турбулентното минато. Двајцата се обидуваат да го решат случајот на убиена девојка, што за Кори има дополнително значење.
7. „Baby Driver“
Оценка: 7.8
„Baby Driver“ е најголемиот хит на британскиот режисер Едгар Рајт, кој е режисер на уште неколку извонредни акциски комедии, како „Shaun of the Dead“, „Hot Fuzz“ и „Scott Pilgrim vs. the World“. Ансел Елгорт глуми момче што има проблеми со слухот, но ужива во музиката. Таа најмногу му помага во неговата професија - возач за банда што ограбува банки. Тој најдобро вози кога ја слуша музиката што ја сака. Во филмот глумат Кевин Спејси, Џејми Фокс и Џон Хем.
6. „Guardians of the galaxy vol.2“
Оцена: 7,8
Првиот дел од филмот беше неочекувано забавен, поставувајќи го Крис Прат како еден од најбараните акциски ѕвезди. Исто како и „Baby Driver“, филмот има одлична музика. Освен Прат, своите улоги ги репризираат Зои Салдана, Дејв Баутиста, Бредли Купер и Вин Дизел.
5. „Thor: Ragnarok“
Оцена: 8,1
Новозеландскиот режисер Таика Ваитити е веќе познат по необичниот, но и шармантен хумор во неговите филмови „What We Do In The Shadows“ и „Hunt For The Wilderpeople“. Режирањето на новиот филм досега му е најголемата и најсериозна задача во кариерата, а и самиот призна дека е малку исплашен поради големата продукција. Но тоа не го обесхрабри во филмот да го искористи својот препознатлив хумор. Крајниот резултат е доста успешен спој на паметно смислени духовити дијалози и одлично режирана акција.
4. „Logan“
Оцена: 8,2
Најновиот филм на „X-Men“ франшизата е сосема различен од сè што досега сме виделе во овој филмски серијал. Во новиот филм ги гледаме Волверин и професор Екс остарени и измачени јунаци на кои им е доста од сето тоа.
3. „Dunkirk“
Оцена: 8,2
„Dunkirk“ е прв филм на режисерот Кристофер Нолан снимен според вистинска приказна. Досега Нолан може да се пофали само со успеси, а меѓу нив се истакнуваат „Inception“ и трилогијата „Dark Knight“. И овој филм не заостанува. Нолан успешно ја прикажува драмата на сојузничките војници кои чекале спас на брегот на англискиот канал во Данкирк, кој бил целосно опколен од германските сили.
2. „Blade Runner 2049“
Оцена: 8,4
Продолжението на култната научнофантастична класика на Ридли Скот од 1982 година е дочекано со многу очекувања. Фановите на изворниот „Blade Runner“ стравуваа дека продолжението не може да ги достигне квалитетот и атмосферата на ремек-делото на Скот. Но режисерот Денис Виленуеве покажа дека дели слична визија со Ридли Скот. Неговиот „Blade Runner 2049“ одлично ја реплицира атмосферата на оригиналот и секако може да се смета за одлично продолжение, иако од првиот филм поминаа 35 години.
1. „COCO“
Оцена: 8,8
Можеби за многумина од вас ќе биде неверојатно, но најдобрата оцена ја има најновиот анимиран филм „СОСО“ на „Пиксар“, за кој гласаа над 30.000 корисници на Ај-ем-ди-Би. Филмот е во режија на Ли Ункрич, режисер на последниот дел од филмот „Тоy Story“. Приказната го следи момчето Мигел кое сака да стане музичка ѕвезда како неговиот идол Ернест де ла Круз, иако во неговото семејство со генерации е забранета каква било врска со музиката.
Филмови што треба да се споменат
Вреди да се споменат неколку
филма што не се најдоа на листата, а беа навистина големи. Така, со оцена 7,6 е филмот „Wonder Woman“, кој критичарите го прогласија за најдобар „Ди-Си“ филм досега. Со иста оцена е и филмот „Spider-Man:Homecoming“ и со слични коментари.
Кијану Ривс се врати во вториот дел на „John Wick“, кој заработи оцена 7,5, еднакво како „War For The Planet of The Apes“, досега најдоброто продолжение. Долго очекуваниот „Justice League“ малку потфрли во однос на конкуренцијата и доби оцена 7,1.