Најголем чекор напред во својата кратка, но веќе богата кариера, направи Александар Михајловски. Ако неодамна сте ги гледале „Аладин“ или „Силјан Штркот шанца“, може и немаше да го препознаете во улогата на 18-годишниот српски војник во „Ничија земја“, чија премиера беше синоќа во МНТ
Може ли да се одвои едно филмско дело од ново театарско создадено според веќе познато сценарио? Чуда не можете да направите и премногу да менувате во текстот оти самиот по себе е веќе добар и признаен. Со јазикот на театарот можете да го поставите пред вашата публика, а актерите да ви бидат најважните што ќе го носат делото. Александар Морфов го направи токму тоа! Ги инспирира главните актери да ги видиме во нови изданија (различни, како на пример Сашко Коцев и Никола Ацески) и во свое најдобро издание (помладиот Александар Михајловски). Сместени во автентична сценографија што отсликува две борбени позиции и ничија територија (дело на Валентин Светозарев), актерите од Македонскиот народен театар играа без грам скржавост во однос на својата енергија, адреналин, желба. Играа уверливо како (не дај Боже) да биле дел од хоророт наречен војна. Сашко Коцев уште еднаш покажа зошто режисерите често му доверуваат главна или важна улога, за него ова е втора соработка со Морфов (после „Животот е прекрасен“). Исфрустрираниот и жеден за одмазда босански војник со страшна гнев кон младиот Нино, српски непријател, беше стожер на актерската игра во претставата. Со леснотија влегуваше од улога на бескрупулозен војник до емотивен губитник затечен во војната. Најголем чекор напред во својата кратка, но веќе богата кариера, направи Александар Михајловски. Ако неодамна сте ги гледале „Аладин“ или „Силјан Штркот шанца“, може и немаше да го препознаете во улогата на 18-годишниот српски војник. Тој е ѕвездата во претставата! Михајловски е доказ дека доколку актер е отворен да научи ново, тогаш и ќе биде подобар. Тој едноставно ја прифатил подадената рака на Коцев и на останатите.
Никола Ацески имаше можеби најтешка улога, да игра многу комплициран лик во лежечка позиција. Во тоа успеа маестрално! Ни ја долови болката, но и нè потсети дека хуморот и во најлошите моменти во животот е задолжителен.
Комплетната актерска екипа ги заслужи долгите и бурни аплаузи. Одлични епизоди посебно за Гораст Цветковски и Оливер Митковски, кој е актер кој секогаш докажува дека не постојат големи и мали улоги, ами дека ако си добар, ќе блеснеш и во двете сцени што ги имаш вкупно.
Режисерот Морфов, кој ја прими наградата на МНТ-фест за исклучителен придонес во театарската уметност, рече дека „Ничија земја“ не е негова претстава, ами на актерите. „Препознатлив секогаш по одлично избрани музички цитати, Морфов и овој пат не потфрли. Не му е првпат ниту да работи познато филмско сценарио, пред три години ја видовме неговата маестрална „Лет над кукавичкото гнездо“ (според романот на Кен Кејси), а во изведба на театарот „Иван Вазов“ од Софија.
Звучните и визуелните ефекти овој пат и тоа како дојдоа до израз и беа многу важни детали за целосен впечаток.
„Ничија земја“ од Данис Танович, кој доби „Оскар“ за филм од неанглиско говорно подрачје, е дело кое можеби најавтентично ни покажа на филмско платно што е војната и поконкретно каква војна беше таа во Босна и Херцеговина. Со поставката на Морфов добивме театарско остварување кое пластично ќе нè потсетува дека со војната нема шеги. Ова е втора претстава на големиот бугарски режисер во нешто повеќе од една година поставена на сцената на МНТ. Неговото присуство на нашата сцена се покажа повеќе од добредојдено!