X
 22.06.2017 Култура

„Инсистирам на моето право на посебна приватност за моето посебно лудило!“


Чарлс Буковски
(Фото: Hulton Archive / Getty images)

Абел Дебрито во својата книга „За пишувањето“ собрал многу мисли и ставови на Чарлс Буковски за уметноста на пишувањето и за поезијата, кои ги забележал во писмата до своите пријатели со кои интензивно се допишувал.

Сепак, највпечатливо изнесување на сопствениот манифест и креативна слобода на која инсистирал, Буковски ги запишал во писмата до своите пријатели, писателот Џон Вилијам Корингтон и Ентони Линик:

Храмот на правилата нема никакво значење за еден комплетен автор. Можеби постои изговор за слабата креативност ако сме неодлучни заради прикриеност или заради виното кое се разлева врз ококоравените очи, но не постои изговор за творештво осакатено од  директивите на школите и модите или слабичките молитвеници кои велат: форма, форма, форма! Затворете ја во кафез!

Да си дозволиме себеси простор и грешки, хистерија и тага. Да не ризикуваме, сè додека немаме топка која се врти како што треба. Работите се случуваат – свештеникот погоден во тестисите; стршлените се шприцаат со хероин без апсење; тие го запишаа твојот број; твојата жена побегна со идиот кој никогаш не го прочитал Кафка;  згмечена мачка, чии црева се лепат на нејзиниот череп на тротоарот, со часови игнорирајќи ги возилата; цвеќињата растат во чад; децата умираат во 9 и 97; мувата е сплескана на екранот... историјата на формата е очигледна.

Навистина, мораме да ја оставиме свеќата да гори – и да полееме бензин врз неа ако тоа е неопходно. Чувството на вообичаеност секогаш е вообичаено, но постојат и урлања од прозорецот, исто така...уметничката хистерија предизвикана од отежнатото дишење во гробницата... понекогаш кога музиката престанува и нè остава во четири ѕида од гума или стакло или камен или уште полошо – без ѕидови воопшто – бедни и смрзнати во Атланта од срцето. Да се концентрираш на форма и логика... изгледа малоумно насред лудилото.

Креативноста е нашиот талент и ние сме заболени од него. Испрскан е по моите коски и ме разбуди во 5 утрово, да гледам во ѕидот.



***

Сметам дека многумина наши поети, оние кои се искрени, ќе признаат дека немаат манифест.  Јас не мислам дека поезијата би требала да биде вулгарен и неодговорен кловн кој склепува зборови во празно. Но вистинското чувство за добра песна носи сопствена причина за постоење... Уметноста е свој сопствен изговор, и или е уметност или е нешто друго. Таа е или песна или парче сирење...

...Никогаш не сум обрнувал внимание на граматиката, и кога пишувам тоа го правам заради љубовта кон зборовите, боите, како фрлање на бои врз платно...

И ако ова е пишување, ако е поезија, тогаш јас од паразитите инсистирам: Заработив 47 долари за 20 години пишување, и сметам дека тие 2 долари годишно (оставете ги марките, хартијата, ковертите) ми даваат право на посебна приватност за моето посебно лудило, и ако треба да се држам за раце со хартиените богови за да промовирам малечка подла рима, јас ќе се вчаурам и ќе се повлечам во рајот на отпадништвото.

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура