X
 17.06.2018 Култура

Антоан де Сент Егзипери - Уметноста на малите чекори

Молитвата ја напишал во еден од најтешките периоди од својот живот.

Молитвата на Антоан де Сент Егзипери:

Господе, не молам ниту за чуда, ниту за привиденија, туку за секојдневна сила. Научи ме на уметноста на малите чекори.

Направи ме внимателен и снаодлив, за во разновидноста на секојдневниот живот да се задржам на откритијата и искуствата што ме збунуваат.

Научи ме правилно да располагам со времето на својот живот. Подари ми добра дарба да разликувам примарно од секундарно.

Јас молам за сила на воздржаност и умереност, за низ животот да не летам и паднам, туку разумно да го планирам текот на денот, да можам да видам врвови и пространства, и понекогаш да најдам време да уживам во уметноста.

Помогни ми да сфатам дека илузиите не се од корист. Ни сеќавањето за минатото, ни соништата за иднината. Помогни ми да бидам тука и сега и да го прифатам овој момент како најважен.

Спаси ме од наивно верување дека сѐ во животот треба да тече мазно. Подари ми јасно спознание дека потешкотиите, поразите, падовите и неуспесите се само природен дел од животот, а благодарение на нив ние растеме и созреваме.

Потсети ме дека срцето често се буни со причина.

Испрати ми некој во вистинско време, кој ќе има храброст да ми ја каже вистината, но да ми ја каже со љубов!

Знам дека многу проблеми се решаваат и ако не се направи ништо, па затоа научи ме на трпение.

Ти знаеш колку е силна потребата за нашето пријателство. Дозволи ми да бидам достоен за овој најубав и најнежен дар на судбината. Дај ми богата имагинација, за во вистинското време, во вистинскиот момент, на вистинското место, во тишина или зборувајќи, на некому да му ја дадам потребната топлина.

Од мене направи човек кој знае да допре до оние кои навистина се на дното.

Спаси ме од стравот дека нешто ќе пропуштам во животот.

Не ми го давај она што го сакам, туку она што ми е навистина потребно.

Научи ме на уметноста на малите чекори.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура