Фото: Anadolija
На денешен ден пред 161 година се роди Никола Тесла, во селото Смиљан во близина на Госпиќ во Лика, а денес, неговата родна куќа е дел од Меморијалниот центар кој е отворен во 2006 година.
Тесла се родил во православно семејство. Неговиот татко Милутин бил свештеник, а неговата мајка Георгина била ќерка на православен свештеник од семејството Мандиќ. Никола имал три сестри: Милка, Ангелина и Марица и еден брат – Дане. Покрај семејната куќа во Смиљан се наоѓала православна црква посветена на светите апостоли Петар и Павле, каде татко му служел литургија. Денес во дворот е подигната статуа на големиот научник, кој зад себе оставил 112 патенти и повеќе од 700 разни изуми.
Во непосредна близина на куќата се наоѓа и испитна станица, намалена верзија на лабораторијата на Тесла од Колорадо Спрингс, како и мултимедијална сала каде се прикажуваат документарни филмови.
„Центарот постои од 2006 година и е отворен по повод 150-годишнината од раѓањето на великанот. Пред отворањето на ова место се наоѓала куќата каде што се родил научникот, православната црква Апостоли Петар и Павле, како и еден стопански објект, односно штала“, истакнува водичот во Центарот, Миле Чорак.
Како што истакнува Чорак, главниот дел од поставката е сместен во куќата на Тесла, а таванскиот дел е посветен на неговите откритија.
Тука се наоѓаат функционални реплики на неговите изуми, како подвижно магнетно поле, индукционен електромотор, трансформатор, турбини и приказ на разликата меѓу еднонасочната и наизменичната струја.
„Во долниот дел од куќата е сместен историскиот преглед на животот и делото на Никола Тесла, каде што можат да се видат креветот, колепката, печката и некои други оригинални предмети од животот на семејството Тесла“, објаснува Чорак.
„Минатата година имавме околу 41.000 посетители, што за вакво место значи сериозна бројка. Настојуваме и да го подобриме квалитетот на Центарот и да го зголемиме бројот на посетители. Нивниот профил се движи од претшколска возраст до пензионери. Се организираат и ученички излети, но и посети на различни здруженија на физичари и иноватори“, истакнува тој.
Најмногу посетители доаѓаат од Хрватска, Босна и Херцеговина и Словенија, а нешто помал број и од Германија и Италија.
„Тој пораснал тука. Оттука започнало сè. На овој поток започна сè. Тесла правел турбини, воденици. За себе велел дека е првак во ловење врани. Како момче експериментирал и се воодушевувал на птиците. Затоа и скокнал од покривот на шталата, и не завршил добро. Љубопитноста на момчето резултираше со откритија на работите кои денес сите ги користиме. Тесла бил хуманист, голем борец за мир. Тој самиот истакнувал дека сè што правел, правел за да им помогне на луѓето, за благосостојба на човештвото“, потсетува Чорак. here...