X
 14.07.2017 Култура

Што стои зад поимот „екстремна левица“?

levica
Фото: CITYPRESS

Нередите во текот на самитот на Г-20 во Хамбург го свртеа вниманието кон лево-екстремистичката сцена во Европа. Колку е таа компактна и кои се нејзините спецификации? Се покажа дека овој феномен им е непознат дури и на властите.

Колкав е бројот на леви екстремисти во Европа?

Точни податоци нема. Една од причините за ова лежи во фактот дека десниот екстремистички политички спектар е многу подобро истражен од левиот. Немирите во Хамбург покажаа дека постои мрежа на лево-радикални активисти преку која се координираат акциите. Но европското полициско биро Европол не знае речиси ништо за тие мрежи. Во Германија бројот на леви екстремисти се проценува на 28.500 члена, од кои 8.500 се сметаат за насилни. Слична силна левичарско-екстремистичка сцена постои и во Италија, Шведска и во Грција. Насилството што е инспирирано од левата екстремистичка идеологија се наоѓа и во средиштата на граѓанскиот живот – како Цирих или Берн.

Се засилува ли насилството од левиот спектар?

Некои индиции се во прилог на ова тврдење. Најновиот извештај на Европол за тероризмот во 2016 година забележува „забрзан пораст“ на лево-екстремните казнени дела во споредба со 2015. Оваа година нередите во Хамбург би можеле да влијаат и врз статистиките. Но, се уочува и нехемогеноста на левиот спектар. Лицата што им припаѓаат на организираните левичарски движења со јасни политички цели многу поретко се сторители на насилни активности во споредба со лицата од таканаречениот анархистичкиот спектар, стои во извештајот на Европол.

Колку подвидови има левиот екстремизам?

Во Европа изгледа збунувачки големиот број различни леви екстремни групации. Но, експертите ги делат на четири главни групи: комунисти, кои се следбеници на учењата на Маркс и Ленин; анархисти, и припадниците на таканаречените автономни групи кои главно се поврзуваат со центрите како „Црвена флора“ во Хамбург или „Слободната држава Кристијанија“ во Копенхаген.

Германското министерство за внатрешни работи поаѓа од намалениот број на комунисти. Истата институција за порастот на насилството ги обвинува автономните групи. Некои од нив, како „Револуционерниот фронт“ од Шведска или  „Заговорот на огнените ќелии“ од Грција, се доживуваат себеси како „одбранбени сили“ наспроти десно-екстремистичките групи.

Идеолошката заднина на сите овие групации е отфрлањето на „капиталистичкиот систем како таков“. За левите екстремисти капитализмот не е само обично економско уредување туку и „хиерархиско граѓански систем за угнетување“. Капитализмот е, како што сметаат тие, одговорен и за сите облици на социјална неправда, како недостиг на станбен простор, но и за воените конфликти, десниот екстремизам, расизмот и уништувањето на животната средина. На многумина идеолошката заднина не им е потребна за да се вклучат во немирите. Според една кратка анкета, која меѓу демонстрантите во Хамбург ја спроведе германскиот разгранок на списанието Vice, повеќето од нив немаат основни информации за групата Г-20 против која протестираа.

Што им се забележува на левите екстремисти?

Спектарот на казнени дела е широк: од нанесување материјална штета, на пример, преку  шарење со графити, па сè до убиства. Припадниците  на „Заговорот на огнените ќелии“ се сомничат за смртта на двајца припадници на десно-екстремната организација „Златна зора“  во 2013 година. Истата група презеде одговорност и за писмото-бомба што беше испратено до германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле.

Шведските левичари на интернет објавија снимка на која се гледа како со секири го уништуваат седиштето на една десно-екстремистичка организација. Европол воедно заклучи дека во Германија левите екстремисти се одговорни за палењето многубројни полициски возила.  Германското министерство за внатрешни работи истовремено говори и за „пораст на подготвеноста за насилство“ особено кон полицијата и припадниците на спротивставените политички групи. Насилниците по правило избираат легални и мирни протести за да создадат безредие.

Какви се последиците од дивеењето во Хамбург?


Директна последица од протестите во Хамбург на почетокот од месецов е фактот дека луѓето ќе бидат засилено сензибилизирани за насилството што доаѓа од страна на левиот спектар. Германските политичари покренаа иницијатива за создавање единствена европска база на податоци за лево-екстремните насилници. Од Европол порачуваат дека создавањето ваква датотека би можело да оди побрзо од очекуваното затоа што проектот Dolphin уште сега овозможува размена на информации за лево и десно мотивирани казнени дела.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура