X
 01.05.2019 Култура

Додека живее празникот на трудот – живее и надежта!

„Први мај е зеднички празник на сите земји, ден кога работничката класа треба да манифестира единство во своите барања како и својата класна солидарност.“

Денес се одбележува Празникот на трудот – 1 Мај . На денешен ден во 1886 година се одржале демонстрации на работниците во Чикаго, во чиј спомен 1 Мај е прогласен за Меѓународен празник на трудот. Денот на трудот е еден од најраспространетите празници на планетата, кој се прославува во преку 150 држави во светот.


За време на Студената војна, САД го поместиле празнувањето на овој празник на 1 септември, за да не го одбележуваат на истиот ден како Советскиот Сојуз и неговите сојузници. Но затоа 1 Мај во САД се прославува како Ден на директорите на училиштата, Ден на правото и Ден на лојалноста.

Во Литванија 1 Мај е Ден на уставноста, како и на Маршалските Острови, каде на истиот ден се прославува и Денот на независноста. Грците 1 Мај го празнуваат и како Ден на Светиот дух и цвеќето, Казахстанците – Ден на националното единство, а жителите на Хаити – Ден на земјоделството.

Околу историјатот на чествувањето на овој ден, треба да се потенцира дека целиот 19 век бил обележан со бездушно експлоатирање на работниците. Ниските дневници и повеќечасовниот работен ден кој траел од 12, па дури и до 18 часа дневно, ги исцрпувал работниците кои почнале да организираат штрајкови и протести речиси во сите развиени капиталистички земји, барајќи подостоинствени услови за работа и за живот. Штрајкувачките движења најголемиот замав го доживеале во САД.

Празникот на трудот своите корени ги има во случувањата што почнале на 1 мај 1886 година. Водечките американски синдикати инспирирани од победата на своите канадски другари во 1884 година, побарале да се донесе закон каде што ќе се гарантира осумчасовно работно време. Законот требало да се донесе до 1 мај, што не се случило.

Се проценува дека тогаш од 300 до 500 илјади работници почнале да штрајкуваат на истокот од САД. Тогаш саботата сè уште била работен ден. Во протестите што почнале во Милвоки учествувале околу десет илјади работници, во Чикаго од 30-40 илјади, во Њујорк околу 10 илјади. Во вторник, на 4 мај 1886 година, во Чикаго мирно протестирале од 600 до максимум 3.000 работници.

Луѓето биле гневни, затоа што претходниот ден полицијата пукала врз насобраните работници пред фабриката за земјоделски машини „Мекормик“, при што биле убиени најмалку двајца, а според некои тврдења и шест демонстранти. Водачите на протестите повикувале на зачувување на присебноста и на ненасилство. Иста била и ситуацијата кога поворката се приближила кон Плоштадот на пазарот на житарки.

Самиот градоначалник на Чикаго, Картер Харисон Помладиот, слободно стоел покрај поворката која мирно поминувала, застанувајќи одвреме-навреме за водачите да упатат кратки пораки. За време на 10-минутниот говор на британскиот социјалист Семјуел Филден, поради дождливото време луѓето почнале да се разотидуваат, но тогаш полицијата ја нападнала поворката.

Притоа, некој од масата фрлил експлозивна направа кон полицијата, по што тие отвориле оган врз насобраните. Веќе при првото пукање биле убиени четворица демонстранти. И покрај фактот дека пукањето траело околу 5 минути, на плоштадот останале да лежат педесеттина мртви. Подоцна извештаите наведувале и дека 70-тина лица биле повредени, а 60 полицајци биле ранети.

Следниот ден во полициската рација во редакцијата на социјалистичкиот работнички весник „Арбајтер цајтунг“ полицијата уапсила седуммина активисти, а биле запленети и летоци како пропаганден материјал. За фрлање на динамит кон полициските сили, седуммина демонстранти биле осудени на смрт со бесење, без оглед што не било докажано дека истите ја фрлиле бомбата.

Во 1889 година во Париз, на стогодишнината од Француската револуција, на првиот конгрес на Втората работничка интернационала, едногласно било одлучено од 1890 година на 1  Мај да се одбележува чикашкиот колеж со мирни поворки како знак на значењето на работниците во цивилизциските дострели.

Набрзо потоа, како симбол на работничкиот бунт, а во знак на сеќавање на страданијата на чикашките работници, бил избран црвениот каранфил.

Денес Први мај се чествува како ден на борба за основни човекови права на секој работник или во слободен превод, како ден за правото на живот достоен за секој човек. Многу луѓе ги изгубиле своите животи борејќи се за правата на работниците, па затоа и Први мај е посветен на жртвата на чикашките работници кои се бореле денот да биде поделен за 8 часа работно време, 8 часа одмор и 8 часа за културна наобразба.

Борбата за човековите и правата на работниците трае и денес, и многу е изгледно дека истата ќе ја продолжат и нашите деца, како и децата на нивните деца, секоја генерација – на свој начин.

За 1 Мај ширум светот се организираат протести и маршеви на работниците.

И за крај... додека живее празникот на тудот – живее и надежта! Да живее Први мај!
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура