X
 19.07.2017 Култура

Воспитување на децата според правилата на руските благородници


Слика, девојче со сад со овошје

Во денешно време, кога често се прашуваме каде оди овој свет и се повикуваме на добрите стари времиња, руските педагози со намера да им помогнат на родителите, сѐ почесто се свртуваат кон советите и правилата на воспитување на руските благородници. Можеби советите се застарени, но вреди да се потсетиме што значело доблест некогаш.

Самопочит

Малите благородници уште во детството слушале дека на оној што многу му е дадено, од него многу и се очекува. Со други зборови, поради тоа што веќе се родиле како привилегирани, значи дека треба да покажат и докажат дека се вредни за тоа, па од мали нозе ги учеле дека мора да бидат храбри и чесни. Доброто образование не требало да им биде инструмент за стекнување слава и богатство, туку орудие за постигнување душевен и умствен развој. Денес, кога децата често умеат да претераат со своите желби и барања, понекогаш не е лошо да ги потсетиме на вистинските вредности. 

Храброст

Кукавичлакот не можел да се поврзе со другите благороднички особини и вештини, затоа дворјаните особено внимание посветувале на храброста и сметале дека таа може да се извежба со јакнење на волјата и други потребни физички тренинзи. Мора да се потенцира дека храброста не се сметала само за доблест на младите благородници кои ја стекнале служејќи војска или преку ангажман на тешки задачи во флотата, туку пожелно било и младите дами да бидат решителни и смели.

Физичка сила и подвижност

Тешко може да се замисли дека претходно наведените карактеристики го красат некој што е тром и смотан. На пример, во лицејот во околината на денешен Санкт Петербург, каде што се образовал Пушкин, секојдневно се одвојувало време за „гимнастички вежби“. Освен тоа, сите што го посетувале лицејот морале да одат на часови по јавање, мечување, пливање и веслање. Не смее да се заборави дека лицеите биле образовни институции за привилегираните и се претпоставувало дека завршените студенти ќе работат во државната управа и во други слични институции.

Од друга страна, воените школи што ги посетувале благородниците биле неспоредливо построги и таму се барала беспоговорна дисциплина. Помеѓу благородниците било пожелно да се покаже физичка спремност и умешност за практикување различни вештини. Затоа аристократијата одела на лов, бидејќи низ оваа активност, преку јавање, издржливост, прецизност се покажувало колку поединецот е во добра физичка кондиција.

Самоконтрола

Вистинска аристократска карактеристика. Аристократите од мали нозе биле учени со целосна смиреност да изреагираат на добри и на лоши вести. Малите благородници од раното детство ги учеле сите удари на судбината да ги прифаќаат стоички, достоинствено и никогаш да не паѓаат со духот. Жалењето, лелекањето, солзите и претераната сентименталност не влегувале во списокот со особини што можеле да си ги дозволат аристократите.

Грижа за изгледот

Малите дворјани имале обврска да изгледаат убаво, не за да го покажат своето богатство, туку од уважување кон другите во своето опкружување. Се сметало дека човекот кој вистински сака да ги уважи блиските, пред сѐ тоа ќе го направи преку својот уреден изглед. Тука не се мисли на претенциозното нагласување на богатството, туку софистициран и елегантен стил на облекување и одржување на личната хигиена.

Умешност личноста да им се допадне на другите

Благородништвото се трудело да ги следи правилата на добро однесување и бонтон. Идејата не била да се освои сечие срце, туку да не се повреди ближниот. Од луѓето се очекувало да се однесуваат така што на другите во нивна близина да им биде пријатно. Исто така, децата во благородничките семејства од мали нозе биле учени кај секој човек да ги препознаат мааните и доблестите, и да се почитуваат меѓусебно.

Уште еден совет бил - без разлика колку празно и лекомислено е друштвото во кое се нашле, во никој случај не смееле да покажат досада или незадоволство.

Скромност

Под скромност не се подразбирало крутост и срамежливост. Напротив, од учтивите луѓе се очекувало да умеат да ги покажат своите манири. За доблест се сметало човекот да е скромен кон себе. Во текот на разговорот не требало да се претерува со коментари, дури ни со искрени совети. Постоело правило својата ученост да ја носат како што господата ги носат своите часовници – во внатрешниот џеб. „Дури откако некој ќе ве праша колку е часот, тогаш ќе одговорите“, било едно од тогашните правила алудирајќи на тоа колку често во друштво треба да се „изборат за збор“. Сепак, имало и друг пример, личноста да може да зборува често, но не долго: „и нека не се сложуваат со тебе, важно е да не им досадуваш на соговорниците“.

Учтивост и ерудиција

Вистинскиот аристократ можел сешто да му каже на друг човек од неговиот ранг, дури и да го навреди, но тоа морало да биде „добро спакувано“. Тоа подразбирало личноста да биде добро поткована, начитана и да владее со јазикот. Освен тоа, од благородниците се очекувало да умеат да го зборуваат и јазикот на обичните луѓе. Ако се затекнеле опкружени од својата послуга или на пазар, од аристократите се очекувало и да позборуваат, па дури и да се пошегуваат со своите поданици.

Затоа постоела една многу танка линија помеѓу учтивоста и вулгарноста, но вистинското благородништво никогаш не ја преминувало. Претераното преминување на едната или на другата страна значело дека личноста е или претерано церемонијална или безобразна и непријатна. Од младите аристократи се очекувало многу да читаат за да ги постигнат овие доблести.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура