X
 16.02.2021 Образование

Престижната Фулбрајт програма – успешна приказна на академскиот кадар на УКЛО

Д-р Ангелина Станојоска, вонредна професорка на Правниот факултет при УКЛО, е добитник на Фулбрајт грант во рамките на Fulbright Visiting Scholar програмата за академската 2020/2021 година. Д-р Станојоска пет месеци ќе престојува на Одделот за криминологија и кривична правда на Универзитетот во Мизури-Сент Луис, почнувајќи од март 2021 година.

Што претставува Фулбрајт програмата и што за Вас како академски кадар значи таа?

Фулбрајт програмата претставува меѓународна образовна програма за размена која е спонзорирана од владата на САД и е дизајнирана да промовира заедничко разбирање меѓу академските кадри и истражувачите од САД и другите земји. Оваа програма им овозможува на учесниците - избрани според нивните академски способности и лидерски потенцијал – да студираат, предаваат и истражуваат, да споделуваат идеи и да придонесат во процесот на изнаоѓање решенија за заеднички меѓународни или општествени проблеми и предизвици.

За мене лично, а пред сè, професионално, Фулбрајт претставува големо признание. Се работи за програма која секогаш ми била предизвик поради нејзината важност во светот на науката, поради можноста да ги посетам САД, да го осознам нивниот начин на живот и култура, и се разбира, да поминам семестар на американски универзитет. Имено, во светот има многу криминолошки истражувања, многу автори кои се признати во областа на криминологијата, но она што се истражува на одделите за криминологија и кривична правда во САД е многу важно за развојот на криминологијата воопшто. А, мене тоа и ми е целта, преку мојот развој и напредок како универзитетска професорка да помогнам во развојот на македонската криминологија.

Што Ве мотивираше да аплицирате за Фулбрајт?

Фулбрајт го носи епитетот на една од најпрестижните светски програми за образовна размена. Тоа е програма со која сите други се споредуваат, но таа е врвот. Уште од студиите, од мојот драг професор и ментор на магистерскиот труд, Трпе Стојановски, кој и самиот е Фулбрајт алумни, слушав за неа, а по докторирањето и изборот во наставно-научно звање, почнав да се подготвувам за апликацијата. Како универзитетска професорка, сметам дека е потребно постојано усовршување бидејќи криминологијата ги следи глобалните промени и современите трендови на криминалното однесување, а тоа несомнено нè води кон потребата постојано да учиме, истражуваме и да работиме. Всушност, зошто би имале крилја ако не летаме, а зошто наука ако не истражуваме?

Од друга страна, нашето усовршување и надградување следствено ќе води кон пренесување на знаењето на нов, современ начин, кој на студентите би им овозможил практично да ги совладаат криминолошките содржини или поинаку кажано - мотивиран професор значи и мотивирани студенти.

fulbrajt

Што ќе истражувате за време на Вашиот Фулбрајт престој?

Мој предмет на интерес се криминолошките теории, пред сè, теориите на напнатост, односно генералната теорија на напнатост на Роберт Агњу тестирана на различни видови примероци. Во 2019 година, оваа теорија ја тестиравме на примерок на жени затворенички и трудот кој произлезе од тоа истражување беше награден од Канцеларијата за дрога и криминал на ООН (UNODC) и Меѓународното здружение за криминологија (ISC). Истражувањето на кое ќе работам за време на мојот постдокторски престој во координација со професорката Ли Ен Слокум ќе биде компаративно тестирање на генералната теорија на напнатост на примерок на млади луѓе од САД и РСМ во однос на поврзаноста на напнатоста, негативните емоции и употребата на законски дозволени и недозволени супстанции (и појава на одреден тип општествено неприфатливо однесување).

Што очекувате по Вашето враќање од САД?

По моето враќање целта ми е да го заокружам истражувањето со тестирање на теоријата која ја споменав на примерок на млади луѓе и од нашата земја, потоа да ги дисеминирам добиените резултати и да подготвам соодветни препораки. Воедно, на секој можен начин ќе го споделувам своето искуство од престојот во САД, како и важноста на образовните програми за размена, пред сè, Фулбрајт програмата.

Се разбира дека кариерно, професионално и лично, ваквите достигнувања се важни за секого, но она што е многу поважно е употребата на стекнатите искуства и знаења за нови истражувања кај нас, а и подобрување на целокупната научна мисла. Криминолошките истражувања се комплексни, бараат време, посветеност, финансиска поддршка која, за жал, кај нас ја нема, како и поголема соработка со државните институции. Не мислам дека за брзо би биле блиску до американските и европските универзитети и нивните услови за работа и истражувања, но барем би можеле да почнеме да работиме во таа насока. Само заедно, универзитетските професори и државните институции, би можеле да го подигнеме нивото на квалитет на научните истражувања и да бидеме во чекор со светските научни достигнувања.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование