X
 08.08.2017 Култура

Еве како би изгледал светот во кој би владееле нацистите


Сцена од серијата „Човекот во високиот дворец“
(Фото: Amazon)


Градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио, пред неколку дена полудел поради рекламната кампања што ја спроведува „Амазон“, светската мегакомпанија за интернет-продажба, а се однесува на новата серија снимена според романот на Филип К. Дик, „Човекот во високиот замок“ (The man in the high castle).

Тој издал неотповиклива наредба за отстранување на рекламните материјали кои вклучуваат американски знамиња кои наместо традиционалните полиња со ѕвезди што ги симболизираат американските сојузни држави, имаат голем нацистички орел со раширени крилја и разни варијанти на јапонското империјално знаме, а се поставени на вагоните на њујоршката подземна железница. Наредбата вклучува и отстранување на географските карти што се поставени на ѕидовите од вагоните во внатрешноста, а кои покажуваат свет во кој нацистичка Германија и царска Јапонија извојувале победа во Втората светска војна, а потоа го поделиле светот на интересни зони.

Дик својот роман го објавил на Нова година, во 1962 г., и за него ја добил меѓународна награда за книжевност  – Hugo, која се смета за „Пулицер на научната фантастика“. Филип К. Дик бил човек кој го поминал животот движејќи се по црвената линија меѓу понорот во сиромаштија, распаѓањето на личноста како резултат на долгогодишна консумација на дроги и повремени психички кризи, кој и покрај сето ова, кога во 1982 година починал на 54-годишна возраст, зад себе оставил 44 новели и речиси 150 кратки раскази.

Класичната научна фантастика на Дик спаѓа во поджанрот „алтернативна историја“ и го опишува светот во кој американскиот претседател Френклин Д. Рузвелт бил убиен во атентат во 1933 година.

Во романот, од тој момент светот се развива во насока која е комплетно  различна од историјата каква што денес ја познаваме. Таму силите на Оската – Третиот Рајх, царска Јапонија и фашистичка Италија - победуваат во светската војна и го освојуваат светот.

Студената војна се роди од империјалниот конфликт помеѓу нацистите и царска Јапонија


Студената војна, всушност, не се случува помеѓу САД и СССР, бидејќи овие две сили во романот веќе не постојат, туку помеѓу Германија и Јапонија. Како што Сојузниците после Втората светска војна ја поделија Германија на зони на влијание, во овој фикционален случај тоа им се случува на САД.

САД се поделени на Пацифички Држави на Америка под контрола на Јапонија, Карпестите Планини во средишниот дел на САД кои служат како тампон-зона помеѓу две тоталитарни царства, и на САД од кои останало само името, бидејќи станува збор за нацистичка марионетска држава под апсолутна контрола на Берлин. Врз дејството на романот големо влијание имале кинеските пророштва во „И чинг“.

Ликот на таинствениот писател Хоторн Абендсен, кој всушност е „човекот во високиот дворец“, пишува исклучително популарен, но најстрого забранет роман „The grasshopper lies heavy“ во кој ја опишува алтернативната историја каде што во Втората светска војна победуваат Сојузниците.

Гебелс, Геринг и Хајдрих во борба за местото фирер после Борман

Американското општество 15 години после Втората светска војна што го опишува романот е поделено на дел во кој инвалидните луѓе и понатаму се убиваат, расизмот уништува практично сè што може, и дел под јапонско влијание што е многу помалку брутален од нацистичкиот, иако ја ограничува личната слобода.

Во еден момент умира Хитлеровиот наследник на местото фирер, Мартин Борман, научник кој ги развивал нацистичките ракети, и почнува борба за тронот помеѓу Јозеф Гебелс, Херман Геринг и Рајнхард Хајдрих.

Филип Дик влегол во аналите на научната фантастика, но до крајот на животот останал тврд орев за обидите неговите дела да се екранизираат. По неговата смрт, еден од најдобрите филмови од овој жанр, „Blade runner“, е направен според романот „Сонуваат ли андроидите електрични овци“ (додека бил жив прифатил да се филмува, но не ја дочекал премиерата).

Бил подготвен да чека 20 или 30 години на книжевен успех

Дик ни одблиску не бил популарен во книжевните кругови, но во една пригода напишал дека е подготвен да живее скромно, ако треба и 20 или 30 години, само кога би знаел дека на крајот го чека успех во книжевноста.

Првото дело го напишал во 1950 година, а било објавено 44 години подоцна.

Бил принуден многу да пишува за да преживее, дури и во физичка смисла на зборот.

Со објавувањето на „Човекот во високиот дворец“ во 1963 година бил почестен со многу комплименти, неретко го нарекувале и гениј на научната фантастика, но истовремено живеел и многу автодеструктивен живот.

Неговите андроиди сонувале електрични овци

Во „Сонуваат ли андроидите електрични овци“ од 1966 година опишува уште една во низата свои дистопии, овој пат човештво кое успеало да ја преживее глобалната нуклеарна војна, но по цена на еколошки последици кои непоправливо го онеспособуваат населението да биде работоспособно и воопшто ментално способно за да биде дел од општеството. Дополнително, отуѓувањето на сите нивоа го поттикнува технолошкиот развој.

Луѓето сотрени од безнадежноста имаат апарати за програмирање на своите емоции, и до таа мера настојуваат да ја сочуваат својата човечност така што кон андроидите се однесуваат со агресивен расизам, кој се зајакнува толку многу колку што андроидите им стануваат послични, и физички и ментално.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура