(
Фото: Pixabay)
Италијанскиот професор Чезаре Ката одлучил да им го зачини ова лето на своите ученици со 15 домашни задачи што требало да ги завршат до септември. Сепак, наместо да им ја уништи забавата, Ката се потрудил да ги научи на важни животни лекции.
За разлика од своите колеги, професорот во училиштето „Дон Боско“ во Ферма не ги „мачел“ учениците со бројки, лектири или натрупани лекции, туку меѓу другото им задал „задача“ барем еднаш да излезат и да го набљудуваат изгрејсонцето, да прошетаат покрај морето размислувајќи за работи што ги сакаат, но и страсно и без срам да танцуваат бидејќи „летото е танц и би било глупаво да не се учествува во него“.
Имено, наместо вообичаените вежби и задачи, овој професор на своите ученици им нуди животни совети, повеќе размислувајќи на нивната психолшка состојба отколку на механичко учење. Еве ги неговите задачи:
1. Понекогаш, наутро, прошетајте покрај морскиот брег сосема сами: гледајте го отсјајот на сонцето и размислувајте за работи што најмногу ги сакате во животот, почувствувајте дека сте среќни.
2. Потрудете се да користите нови зборови и изрази кои заедно сме ги учеле во текот на школската година: колку повеќе работи можете да кажете, толку повеќе работи можете и да замислите; а колку повеќе работи можете да замислите, толку сте послободни.
3. Читајте колку што можете повеќе. Но не затоа што морате. Читајте затоа што летото инспирира на авантури и соништа, а читајќи вие се чувствувате како ластовички во лет. Читајте затоа што тоа е најдобриот облик на бунт што го имате (за совет што да читате, обратете ми се мене).
4. Избегнувајте ги сите работи, ситуации и лица поради кои се чувствувате негативно или празно: барајте стимулативни ситуации и друштво на пријатели кои ве збогатуваат, кои ве разбираат и почитуваат поради она што сте.
5. Ако се чувствувате тажно или уплашено, не грижете се: летото, како и сите други убави нешта, знае да ја вознемири душата. Обидете се да пишувате дневник за да ја раскажете својата состојба (ако сакате, можеме заедно да го читаме во септември).
6. Танцувајте. Без срам. Пред вашата куќа или во вашата соба. Летото е единствен вид танц и навистина е лудо да не учествувате.
7. Одете, барем еднаш, да ја видите зората. Дишете во тишина. Затворете ги очите и бидете благодарни.
8. Занимавајте се со спорт, што повеќе.
9. Ако сретнете лице што ќе ве маѓепса, кажете му го тоа со цела искреност и привлечност што ја поседувате. Не е важно дали тој/таа ќе го разбере тоа или не. Ако не разбере, тоа значи дека тој/таа не е вашата судбина; во спротивно, ве очекуваат прекрасни мигови на заеднички прошетки (ако ова не ви успее, вратете се на точка 8).
10. Повторно поминете низ забелешките од нашите часови: споредете ги работите што ги правевме со она што вам ви се случува во животот.
11. Бидете среќни како сонце, нескротливи како море.
12. Не зборувајте грди зборови, секогаш бидете љубезни и културни.
13. Гледајте филмови со срцепарачки дијалози (по можност на англиски јазик) за да ги поправите вашите јазични вештини и вашата способност да сонувате. Не дозволувајте филмот да заврши со одјавата. Проживејте го во текот на летото.
14. Во блескавата светлина или во текот на топлите ноќи сонувајте каков би можел и би требало да биде вашиот живот. Преку летото барајте сила никогаш да не се откажете и да дадете сè од себе за да го остварите сонот.
15. Бидете добри. Професорот Ката и самиот има планови за летото. Како што покажува неговата страница на „Фејсбук“, тој се надева дека ќе го напише својот прв роман според делата на Шекспир за фестивалот што се организира на плажа, но и да остави малку време за забава.
„Сметам дека летото постои како нешто неочекувано и преубаво што е надвор од нашите способности за планирање“, напишал тој. „Ми се допаѓа да не го осмислувам секој детаљ и да чекам што ќе постави златниот хоризонт на летото пред мене“.
Овој, би рекле непоправлив романтичар, на своите ученици им советува да се трудат да користат нови зборови и изрази кои заедно ги научиле. А тие се:
* Филозофија (љубов кон мудроста)
* Агапе (несебична, алтруистичка, духовна љубов)
* Несвесно
* Носталгија
* Онтологија
* Нихилизам
* Солипсизам
* Хермевтика
* Хуманистика
* Апсурдизам
Меѓу срцепарачките филмови што професорот Ката им ги препорачал на своите ученици се: „Појадок кај Тифани“, „Принцот на плимата“, „Бележник“, „Еден ден“, „Мостовите во округот Медисон“ и „Земјата на сенките“.