Ивона Аџиќ е учителка која на учениците и на нивните родители ќе им остане во убави спомени долго откако ќе ги напуштат училишните клупи – поради начинот на работа со учениците во текот на школската година, а особено поради што за летниот распуст им дала да „изработат“ посебна домашна задача.
Имено, таа напишала список со „
обврски“ кои нејзините ученици мора да го исполнат пред да се вратат назад во клупите во септември. Иако повеќето ученици воопшто не ги сакаат домашните задачи преку летото, сосема е сигурно дека оваа ќе им биде драго да ја исполнат.
„Запознај се со две нови другарчиња, играј на дождот, погледни барем еден залез на сонцето, кажи некому дека го сакаш, гледајќи го в очи, смеј се додека не те заболи стомакот“ – ова се само некои од ставките на оваа домашна задача која Ивона им ја дала на учениците, а воодушевените родители ја споделија на социјалните мрежи.
На списокот се наоѓаат 40 задолженија, но стои и напомената дека децата немаат обврска да ги исполнат сите, но барем половина од нив се задолжителни. Иако речиси сме сигурни дека децата ќе се потрудат да ги маркираат сите како извршени.
„Ти си вид кој изумира во Србија. Има само уште 2% вакви“ – напишал еден родител, а следуваа и други коментари со поддршка: „браво“, „преубаво“, „одлично“, „секоја чест“...
„Ние многу сериозно се зафативме со исполнувањето на оваа домашна задача! И навистина уживаме и многу се гушкаме“, заклучи една мајка.
На ова се огласи и учителката, очигледно погодена од ваквите позитивни реакции на нејзината домашна задача, која илјадници пати е споделена по социјалните мрежи.
„Многу ви благодарам на сите! На своите деца сакав да им покажам дека ситниците значат многу во животот, но драго ми е што тоа ви се допадна на сите, па повелете, забавувајте се и уживајте во распустот“ – напиша учителката Ивона Аџиќ.