X
 22.08.2017 Образование

Не избирајте мода за вашиот ученик, туку здравје!

Искривениот ’рбет е голем проблем за денешните дечиња, но, за жал, не и единствен. Лекарите при ученичките систематски прегледи забележале и висок процент на деформирани стапала и оштетен вид. И што е уште позагрижувачко - тој процент се зголемува од година на година. Сето тоа во голема мера е последица на користењето несоодветни и преполни школски торби и ранци, неудобни чевли, прекумерна употреба на телефони...


Фото: Pixabay

Затоа лекарите се многу строги кога се работи за деформитетите кај децата и многу се прецизни со советите пред детето да појде во училиште: каков треба да биде училишниот ранец и како правилно се носи, кој е најдобриот избор на обувки и како против рамните стапала, како ученикот да не го расипе видот...

Многу деформитети

Податоците на лекарите во школските диспанзери кои им прават систематски прегледи на учениците покажуваат дека секој трет ученик во основно училиште во Скопје има искривен ’рбет, а многу деца имаат зголемена телесна тежина. Околу четвртина од учениците имаат лошо држење на телото. Лекарите забележале деформации на стапалото кај околу 45 отсто од учениците, а и сè повеќе деца со оштетен вид. Бројките за деформитетите, велат лекарите, се зголемуваат од година на година.

Д-р Соња Ралева од школскиот диспанзер „Бит-пазар“ советува при изборот на чанта за ученикот да се внимава, по можност, да е со анатомско лежиште, да нема директен контакт со грбот.

- Многу родители не може да си дозволат да им купат на децата скапи анатомски ранци, но добро е да се внимава при изборот тие да ја следат кривата на грбот. Советувам да се договараат со наставниците децата да не носат голем товар. При изборот на чевли добро е да удобни со анатомска влошка. Не треба да се гледа само модата, туку и колку она што се купува е добро за телото. Децата со рамни стапала носат чевли со специјално изработени влошки – вели Ралева.

Таа потенцира и да се искористи крајот на распустот, а и септември, за што подолг престој во природа.
- Помалку телефони и таблети, а повеќе престој во природа. Да ги искористиме и сонцето и убавото време, а и да им дозволиме на очите да гледаат далеку – вели докторката.

Новите генерации се сè позатворени дома, па така гледаат блиску. Кога би поминувале поголем дел од времето во природа, окото ќе гледа подалеку, па акомодационата моќ на мускулот ќе биде поголема. Така и се намалува можноста за расипување на видот.

Колку најмногу смее да тежи ранецот?

Д-р Антоније Хаџи Антоновски, ортопед, вели дека посебно внимание треба да се посвети на тежината на школските ранци. - Кога станува збор за тежината на школските ранци, многу сум засегнат и како родител и како лекар. Срце ме боли кога ќе го кренам ранецот на син ми, кој верувам повеќекратно ги надминува сите правила и препораки за тоа колку треба да тежи еден школски ранец кај дете во развој – вели д-р Хаџи Антоновски. Препораките се ранецот да тежи најмногу 10 проценти од тежината на детето. На пример, дете од 20 килограми не би требало да носи ранец потежок од два килограми.

Да не се носи само на едното рамо и многу ниско!

- Но, кај нас тоа правило не постои. Децата некогаш носат дури и до 50 отсто од својата тежина. Се разбира, ова малтретирање на детското тело, кое плус се обидува да расте во овој период, не поминува без последици. Најголеми повреди секако трпи ’рбетниот столб. Имено, не станува збор само за одењето со таа тежина. Децата не размислуваат за последиците и често со ранците и трчаат и скокаат. Секако, уште полошо е кога ги носат на едно рамо или многу ниско на грбот со незатегнати прерамки – вели докторот.

Последиците доаѓаат и подоцна

Се смета дека тешките детски ранци се број еден причина за појава на хронична болка во грбот и вратот подоцна во животот.
- Тешките ранци го нарушуваат детското држење, па покрај тоа што прават искривувања на ’рбетот и на вратот, многу често се засегнати и рамениците, кои поради тегнењето се спуштаат нанапред. Исто така, се нарушува и балансот на движењето, па многу често се соочуваме со дисторзија на скочните зглобови. Поради тежината и притисокот на прерамките, може да се јави трнење во рацете кај децата зашто се прави притисок на битни крвни садови и нерви кои поминуваат во регијата кај рамениците – објаснува д-р Хаџи Антоновски.

Совети за поздрави деца

Тој советува да се намали тежината на ранците, да не се носат непотребни работи во нив. Тешките работи да се пакуваат по ред за да се поблиску до телото, а полесните во делот од ранецот кој е подалеку од телото.
- Никогаш ранецот да не се носи на едно рамо, прерамките да бидат убаво затегнати, долниот дел од ранецот да се потпира на почетокот на карлицата, а не долу на задникот. Избирањето на ранецот треба да биде соодветно на конституцијата на детето. Не треба да биде поголем од неговиот грб. Се разбира, и ние граѓаните треба да поттикнеме иницијативи за да се променат некои работи. На пример, децата да имаат орманчиња на школо, да се размислува на повисоко ниво за воведување електронски учебници наместо печатени и слично – додава ортопедот.
Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование