X
 27.02.2020 Наша тема

ПРТ-методата може да ве спаси од операција на 'рбет. Д-р Димитар Вељановски објаснува како се применува

Методата може да се примени кога станува збор за иритации на нервните корени поради дискус хернија или дегенеративни промени на 'рбетот - шилци по пршлените, зголемување на обемот на лигаментите, хипертрофија на малите зглобови...

Едно од најчестите болни искуства на речиси 80 отсто од луѓето во најпродуктивниот период од животот е лумбалната болка (во долниот дел од грбот). Нејзината појава е толку масовна, а нејзината прогресивност толку голема, што болниот лумбален синдром се смета не само за медицински, туку и за социјален проблем. Една од современите методи на лекување е т.н. перирадикуларна терапија (ПРТ) - специјална радиолошка метода која во јавното здравство се применува единствено во скопската градска болница „8 Септември“. Ја работи д-р Димитар Вељановски, радиолог, кој се едуцираше во врвни медицински центри - Универзитетот „Мегил“ во Монтреал во Канада и Универзитетот „Грајсфалд“ во Германија.

Д-р Вељановски и докторира на темата за имплементација на минимум инвазивна интервентна метода (Перирадикуларна терапија или епидурални блокови) и се надева на нејзино широко воведување во јавното здравство.


Фото: Борче Поповски

- Се смета дека околу 80% од луѓето имаат искуство со различните степени на болка во долниот дел од грбот и тоа во најпродуктивната возраст, во периодот од 30 до 50 година од животот. Од 15 до 20 % од популацијата се соочуваат со пролонгирана лумбална болка, а кај 2-8% болката добива хроничен карактер. Секојдневно 3-4% од популацијата се временски оневозможени да ги практикуваат секојдневните животни активности, додека околу 1% од полулацијата во работна возраст е трајно работно оневозможен поради хроничната лумбална болка и радикулопатија.

Хроничната лумбална болка е петтата најчеста причина за хоспитализација и третата најчеста причина за различни типови хируршки интервенции на светско ниво.

Лумбалната болка се дефинира како хронична кога трае повеќе од три месеци. Типот на болка може да биде значително варијабилен во зависност од тоа дали подлогата е коскен импакт, мускулно инволвирање или нервно потекло.
Болката варира од најразлични субјективни и објективни категории, како печење, горење, прободување, пецкање, остра или тапа, дефинирана или нејасна. Интензитетот на болката може да биде од мал до многу голем степен. Причините за тоа се многубројни и мултифакторни - од преоптовареност на лумбосакралиот 'рбет, дегенеративните промени, трауматските лезии, туморски промени, но и секојдневниот современ начин на живеење кој вклучува сè помалку физичка активност со многу пасивност, долготрајна седечка положба која ѝ пркоси на основната функција на локомоторниот апарат, а тоа е движењето.

Што подразбира современиот начин на лекување?

- Тој бара мултипрофилност во пристапот, кој вклучува физикална терапија, минимум инвазивни техники и понекогаш и класичен хируршки пристап. Дискалните хернијации, спиналната стеноза, дегенеративните заболувања без или со вклучување на дискус херниите и постхируршкиот болен лумбален синдром се најчестите состојби што се одговорни за хронична перзистентна лумбална болка и радикулопатија. Минимум инвазивните техники, вклучувајќи ја и перирадикуларната епидурална терапија се најчесто искористените неваскуларни интервенции за менаџирање на хроничната лумбална болка и болниот радикуларен синдром.



Со истражувањето за докторската дисертација за перирадикуларна терапија Вие и ја воведовте во практика во болницата. За каков третман станува збор?

- Перирадикуларна терапија е третман за хронична болка предизвикана од дегенеративни болести на 'рбетот, особено во цервикалниот и лумбалниот 'рбет. Кај ПРТ со помош на тенка игла се доаѓа во близина на нервните корени во 'рбетот, а тоа се следи со КТ (компјутеризирана томографија). Откако ќе се идентификува местото означено за третман каде што медикаментот треба да се инјектира, лекарот поставува игла во одредена длабочина за да внесе лек во близина на афектираниот нерв колку што е можно поблиску.

Кога може да се применува перирадикуларната терапија?


- Индикациите вклучуваат синдром на иритации на нервните корени. Тие се јавуваат најмногу поради компресивен ефект од дискус хернија или како резултат на дегенеративни промени на 'рбетот: остеофити (шилци) по пршлените, хипертрофија (зголемување на обемот) на лигаментите, хипертрофија на малите зглобови, кои често резултираат со стеснување на каналот. Во некои случаи синдром на иритација на нервните корени се случува и поради напредната дегенерација на пршлените со диск остеофит комплекс (шилци) без значителна хернијација. Овој феномен се нарекува хемиска радикулопатија или nerve irritation syndrome.

Кои состојби може да се третираат?

- Може да се третираат радикуларна болка предизвикана од механичка компресија на нервен корен, дегенеративни промени на малите фасетни зглобови, иритација на 'рбетниот канал поради диск-остеофит комплекс и болка по спинална хирургија најчесто поради фиброзно ткиво.
Контраиндикации се бременост, пациенти со тешки заболувања поврзани со фактори на коагулација, како и интолеранција на лекови или алергија на нив.

Како се изведува овој третман?

- Пациентот се поставува на абдоменот на апаратот на КТ. Се прават точни мерења до милиметар, со што се одредува местото на пунктатот со одредување на правецот на движење на иглата. Потоа се ограничува полето за работа, а местото целосно се дезинфицира. Се аплицира локална анестезија со тенка игла која нежно со воведува супкутано, под кожата. Под контрола на КТ, со дополнителна подолга игла (чиба) се навлегува во подлабоките мускулни слоеви. Со добра позиција на иглата, поставена блиску до нервниот корен, се администрира најчесто коктел од анестетик кој е задолжен за намалување на болката и кортикостероид со моќно антиинфламаторно дејство. Во некои случаи интраартикуларно, односно во зглобовите, може да се аплицира и 95 % алкохол со цел обезболување за долг временски период.


Фото: Борче Поповски

Дали постојат какви било ризици или несакани ефекти?

- Пред третманот се практикува детален разговор за процесот на лекување и за постојните ризици и несакани ефекти карактеристични за секоја терапија, а пациентот дава согласност за неа.
Веднаш по третманот може да се јави чувство на вкочанетост или слабост или дури и привремена парализа на екстермитетот. Овие симптоми обично исчезнуваат по 2 до 5 часа, а се предизвикани од локален анестетик. На денот на третманот пациентите треба да избегнуваат стресни ситуации, спортски активности, како и кревање тешки предмети. Пациентите не треба да управуваат со моторно возило веднаш по третманот со препорака да ја напуштат болницата со придружник или со организиран превоз. Доколку е потребно, се практикува повторување на третманот во интервал од 4 недели, но не повеќе од 4 пати годишно.

Дали пациентот чувствува болка?

- Почетокот на интервенцијата вклучува инјектирање локален анестетик под кожата за првично обезболување. Последователното поставување на иглата генерално добро се толерира. Меѓутоа, со приближувањето на иглата до нервот може за кратко време да се појави лесна болка во пределот на дистрибуцијата на нервите, што се смирува со апликацијата на локален анестетик. Интервенцијата во основа не е болна, многу добро се поднесува, а кај дел од пациентите може да се појават сензации од типот на трнење, парестезии, односно како што се вели народски како мравки да те лазат, или локална топлина по должината на третираната страна во моментот на апликација на лекот, но без значителна болка.

Колку е безбедна и ефикасна оваа метода?

- Се смета и за безбедна и за ефективна терапија и процедура. ПРТ е прва метода на избор пред планирање оперативен третман кај пациенти со радикулопатија, дискална хернијација или стеноза на спинален канал.
Многу студии потврдуваат дека 60-80% од пациентите третирани со ПРТ имаат бенефит по првиот третман, а 3 повторувања на процедурата најчесто се доволни за да се постигне пролонгиран или траен тераписки ефект.
Интервенцијата трае кратко, 15-20 минути. Се избегнува хоспитализација на пациентот, а се намалуваат и финансиските трошоци и за пациентот и за медицинската установа. Најголемите бенефити од процедурата се намалување на болката на вратот во долг временски период и враќање на човечкото достоинство, значително се намалува земањето лекови против болка кои го надразнуваат желудникот и доведуваат до хроничен гастритис, се подобруваат квалитетот на животот и функционалниот статус, а се разбира и во голем процент се избегнува класичен оперативен зафат.

Најчести несакани ефекти се транзиторниот невролошки дефицит по завршувањето на процедурата, кој најчесто е презентиран со слабост на екстремитетот на третираната страна поврзан со намален осет, парестезии и лесен степен на болка што трае неколку часа.

Епидуралните кортикостероидни лумбални апликации се ефективни и безбедни процедури кои би помогнале кај голем дел од кандидатите да се избегне класичен оперативен зафат и би требало да се интегрирани во секојдневните конзервативни протоколи за нехируршки менаџмент на хроничната лумбална болка и радикулопатијата.

Во „8 Септември“ веќе неколку години интервенцијата се изведува во континуитет и навистина имаме голем број задоволни пациенти кои се ослободиле од болката во различен временски период, а кај некои во целост. Тоа ги оправдува нашите заложби за квалитетна и континуирана работа и усовршување во тој домен затоа што најголем наш императив останува здравјето на нашите пациенти. Градската општа болница „8 Септември“ полека, но сигурно се трансформира во модерен медицински центар, кој станува синоним за доверба и за квалитет во секундарното здравство со една сериозна тенденција кон универзитетска афилијација.

Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема