Најагилни посетители на концерти, театарски и балетски претстави меѓу земјите членки на Европската Унија се Словенците, а веднаш зад нив се граѓаните на Луксембург, Финска и на Австрија. На дното на скалата се наоѓаат Бугарите, Романците, Грците и Полјаците.
Според податоците што ги објави
Евростат, 27,7 % од граѓаните во Словенија во текот на 2015 година најмалку четири пати посетиле некакви културни настани. Просекот во ЕУ во овој поглед е 13,6 % од граѓаните, што е безмалку трикратно помалку во однос на Швајцарија (37 %), која исто така е опфатена во анализата, а предничи во однос на целокупното европско ниво.
Најверна публика на културните настани во живо, после Словенците, се граѓаните на Луксембург (26,8 %), а следуваат Финска (23,9 %), Австрија (21,8 %), Естонија (20,6 %), Холандија (20,5 %) и Белгија (20,3 %).
На дното на оваа европска листа се наоѓаат Полска (3,7 %), Грција (4,6 %), Романија и Бугарија (6,7 %), а незавидна позиција заземаат и Италија (8,0 %), Словачка (9,3 %), Унгарија (9,5 %) и Хрватска (10 %).
Нешто помалку од просекот на ЕУ имаат и Малта (10,8 %), Кипар (11,3 %), Шпанија (12,6 %) и Данска (13,4 %) додека нешто подобри од просекот се Литванците (14,1 %), Ирците (14,2 %), Германците (14,9 %), Чесите (15,4 %) и Швеѓаните 16,4 %).
Во Португалија 17,3 % од граѓаните годишно посетуваат четири или повеќе сценски културни настани, слично како и во Летонија (17,6 %), Франција (17,8 %) и Велика Британија (18 %).
Меѓу земјите што не се членки на Унијата, а беа опфатени со статистичкото истражување, значително над европскиот просек се Исланд (34,8 %) и Норвешка (23,4 %).