Грнчарството во голема мера било непознато во Австралија и покрај добро познатите традиции на грнчарство во блиската Папуа Нова Гвинеја и островите во западниот Пацифик. Отсуството на античка домородна керамика во Австралија долго време ги збунува истражувачите.
Во текот на изминатите 400 години грнчарството во Југоисточна Азија се појавило преку Северна Австралија. Постарата керамика во Австралија е позната само од теснецот Торес до непосредната близина на брегот на Папуа Нова Гвинеја, каде што биле пријавени десетици фрагменти од керамика, главно од пред околу 1.700 години.
Зошто не се пронајдени докази за рана употреба на керамика од страна на Абориџините? Предложени се различни објаснувања, вклучително и сугестии дека археолозите едноставно не се труделе доволно.
Но, сега тие пронајдоа неколку.
Во новото истражување објавено во „Куатернари сајнс ривјус“, научниците пронашле стара керамика од археолошките ископувања на Џигуру на северниот Голем корален гребен, лоциран на 600 километри јужно од теснецот Торес. Анализата на научниците покажува дека керамиката била направена пред повеќе од 1.800 години.
Пронаоѓањето на керамиката покрена неколку прашања. Колку години е стара? Дали е направена од локалните абориџински заедници или била донесена од друго место?
Прелиминарните анализи покажале дека поголемиот дел од керамиката била направена од локални материјали иако научниците не можеле да утврдат колку е стара и кој ја направил. Во 2013 година тие се вратиле во Џигуру и успеале да откријат дека луѓето почнале да кампуваат таму пред околу 4.000 години, иако керамика не била пронајдена во тој период.
Во 2017 година научниците почнале повторно да ископуваат. Тогаш, околу 40 сантиметри под површината успеале да пронајдат парчиња керамика. Но, ги чекало уште едно изненадување.
Најдлабокиот културен материјал бил пронајден речиси 2 метра под површината и датирал од пред 6.500 години.
Наодите се јасен доказ дека Абориџините правеле и користеле керамика пред илјадници години. Археолошките докази не укажуваат на тоа дека некој друг ја донел керамиката во Џигуру. Наместо тоа, доказите покажуваат дека заедниците на првите народи правеле керамика и не биле изолирани или географски ограничени како што се мислело.
Извор:
Phys.org
Фото: Quaternary Science Reviews