X
 07.09.2017 Живот

Сиромаштијата и иселувањето ни „изеле“ третина генерација

Училишните столчиња во многу одделенија зјаат празни. За една третина генерација годинава ни се намалил бројот на првачиња ако споредиме со 2000 година. Пред 17 години во прво одделение се запишале 29.956 првачиња, додека годинава нивниот број е 20.437. Намалувањето на бројот на првоодделенци, велат социолозите и демографите, покажува како ни опаѓа наталитетот. Споредбата, пак, меѓу родени и запишани во училиште укажува на иселувањето во земјата. Сиромаштијата и тешката економска состојба, големата невработеност, образованието на населението, одложувањето на стапувањето во брак и одложувањето на раѓањето се дел од причините што имаме сè попразни училници.



Модернизација на сиромаштијата

Социологот, проф. д-р Илија Ацески вели дека ако го споредуваме сегашниот број на првачиња со тој во 2000 година, сега имаме за една третина помалку првачиња.

- Ние немаме проблем само со наталитетот, туку и со иселувањето од земјава. На пример, има цели струмички села чии жители се во Италија и таму се раѓаат децата. Во исто време имаме нешто што се вика модернизација на сиромаштијата. Младите одат понапред со свеста и со вредностите, напредуваат како поединци и имаат пристап до технологијата, а од друга страна сме сиромашни. Во вакви услови овие луѓе не се подготвени за раѓање деца – вели Ацески.

Тој смета дека ова што сега ни се случува со намалувањето на бројот на првачињата е резултат од удар што трае долго време.

- Мислам дека проблемот уште ќе се продлабочува. Новите генерации се уште помодерни, имаат многу информации, не им е комплицирано да видат како е во развиените земји, а се соочуваат со тешка економска состојба – објаснува професорот.

Ветрометина

Состојбата во земјава, вели, може да се нарече ветрометина.

- Ние сме ветрометина. Од една страна, имаме модернизација, а од друга, сиромаштија. Затоа голем дел од луѓето се подготвени за бегство, иселување одовде – додава Ацески.
Статистиката покажува дека во учебната 2008/2009 година во прво одделение биле запишани 23.103 ученици, или 2.666 повеќе отколку годинава. Од друга страна, пред шест години или во 2011 година биле живородени 22.770 деца. Ако таа бројка на деца, кои сега поаѓаат на училиште, ја споредиме со бројката на денешните првоодделенци, разликата изнесува 2.333 деца. Каде се тие деца?

Подоцна се стапува во брак, се одлучуваат за помало семејство

Самиот општествен контекст, вели проф. д-р Татјана Стојаноска-Иванова, социолог, или транзицијата која трае повеќе од 25 години подразбира невработеност, сиромаштија.

- Расте процентот на млади во репродуктивна фаза кои заминуваат во странство или на млади што таму оформуваат семејства. Исто така, се зголемува старосната граница за стапување во брак. Но битно влијание има и еманципацијата на жената, сè почестото нејзино позиционирање на менаџерски или одлучувачки позиции кои значат континуирана едукација. Или, со други зборови, влијае и етаблирањето на жената во општеството. Ова е синдром и кај други етнички заедници, како кај Албанците. И албанската жена е сè поеманципирана, а и таму се намалува бројот на деца во семејството – објаснува Стојаноска-Иванова.

Како фактор, вели таа, не смее да се занемари и бројот на разводи, кој расте.

- Оние што се разведуваат често остануваат на едно дете и дел од нив ако се одлучат за повторно стапување во брак, не се решаваат за дете – додава професорката.
Подготвил: Н.Ф.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот