X
 09.10.2024 Наша тема

Дали екранизацијата влијае врз развојот на идните првачиња: Во Македонија нема статистика на колку деца им е одложен уписот и кои се причините

Годинава во Хрватска се запишале 35.700 првачиња, но биле одбиени дури 4.000 деца кои најверојатно ќе станат првачиња следната година, а причините се различни, од здравствени и психофизички до општа незрелост и лично по барање родителите.

Експертите укажуваат на зголемување на проблемите со моториката кај децата, кои вклучуваат неможност правилно да се држи молив или да се следат линиите на хартија, а една од причините е претераното користење на технологијата, објаснува Антонија Миросављевиќ, претседателка на Здружението на директори на основни училишта.

- На пример, децата во градинка кога ќе добијат сликовница, се обидуваат да го зголемат цветот во сликовницата како што прават на екраните на мобилните - изјави таа.

Во Македонија, Министерството за образование и наука не води статистика за тоа колку деца се одбиени од педагозите или, пак, се вратени по барање на родителите кога се тестираат пред упис за прво одделение, ниту пак дека се одбиени затоа што користеле премногу мобилни телефони.

Годинава се запишале 17.200 првачиња или за 500 помалку од лани, но во оваа бројка се вклучени и децата што се иселуваат со своите родители од земјава, децата чии родители решиле да ги остават уште една година во градинка затоа што процениле дека имаат побавен развој и децата кои се одбиени поради општа незрелост.



М-р Анита Младеновска, специјален едукатор и рехабилитатор од ДСУ „Киро Бурназ“ од Куманово, за Факултети.мк објасни како се врши уписот на првачињата во основно училиште и нагласи дека терминот одбиен ученик од упис звучи малку прегрубо.

- Малку прегрубо звучи и не се користи терминот одбиен ученик од упис во основно образование. При уписот во основно образование се врши севкупна процена на когнитивните, интелектуалните и моторните способности кај идниот ученик од страна на стручната служба (психолог, педагог, социолог, социјален работник, спец. едукатор и рехабилитатор) во основното училиште. Родителите имаат обврска претходно да направат систематски преглед на детето и резултатите се поднесуваат до службата, при самиот упис, како и картонот за имунизација. Доколку при процената се забележи дека недостига зрелост во емоциите, забавен психофизички развој, отсуство на говор или други недостатоци, тогаш се препорачува да се одложи тргнувањето на училиште во рок од една година - објаснува Младеновска и додава:

- Исто така, на родителите им се дава препорака таа година да ја искористат за индивидуален третман и поддршка од стручно лице, во зависност од состојбата која не ги исполнува критериумите за тргнување во прво одделение. Во случај ако детето посетувало предучилишна установа, има МКФ категоризација или наод и мислење, се препорачува образовен асистент да го придружува ученикот. На ниво на држава немаме регистар кој евидентира колку ученици биле одбиени за упис во прво одделение и прецизно кои биле причините поради кои биле одбиени учениците – вели дефектологот.

Светски познатиот детски невролог Олег Корењ од Новосибирск во едно интервју откри дека во последните осум години се среќавал со ист проблем: деца кои во просек имаат по три години и практично немаат говор, а нивното однесување е слично на децата со аутизам. Заедничко за сите деца е тоа што родителите им дале паметен телефон или таблет кога наполниле една година.



Младеновска, сепак, е на ставот дека екранизацијата влијае врз моторните и говорните функции на децата, односно врз социо-емоционалниот развој.

- Зависноста од електронските уреди, како што се таблетите, смартфоните, ТВ, е забележителна кај сите генерации и возрасти, од најмала возраст. Екранизацијата е зависност која директно влијае врз социо-емоционалниот развој на детето бидејќи мозочето на детето восприема визуелни и аудитивни дразби кои не може целосно да ги обработи и да ги оддели од вистинските и реални ситуации.

Смартфоните не го провоцираат развојот на говорот на детето, туку напротив, создаваат илузија и ја искривуваат реалноста и свеста на детето каде што не е потребен говор.

Колку помалку е изложено на жив говор детето, толку ќе се појавуваат развојни и говорни тешкотии, од степен на непостоење на говор, рудиментиран говор, развојни дисфазии, неправилен изговор на гласовите, репетитивен говор и широк спектар на говорно-јазични, но и моторни нарушувања.

Екранизмот може навидум да изгледа како состојба на аутизам, доколку ги има горенаведените елементи, но може целосно да биде избегнат ако детето од најмала возраст кога се создаваат синапсите и мозокот се оформува со забрзано темпо, не биде изложено на модерните технолошки уреди, туку има постојана усна комуникација со родителите, братчето, сестричката, баба, дедо, со други дечиња итн. Детето мора да истражува, да го осознава светот, да создава енграми (траги) во кората на мозокот преку реални, опипливи предмети и ситуации, а не преку виртуелни слики и звуци – појаснува Младеновска.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема