На 3 мај почнуваат уписите на првачиња во основните училишта низ државата. Така е предвидено со Законот за основно образование, но тие можат да продолжат и потоа со оглед на тоа што има родители и деца кои поради какви било оправдани причини, немаат можност да го остварат правото на образование во тој период.
Инаку, уписите на првачињата ги вршат вработените во стручните служби, така што штрајкот нема да влијае врз процесот на уписот на првачињата, дознаваме од директори на училиштата.
Како што информираат во Министерството за образование и наука за Деца.мк, родителот е должен да достави (или да прикачи, доколку го пријавува детето електронски) потврда за примените задолжителни вакцини, потврди од офталмолошки и од стоматолошки преглед издадени од надлежна здравствена установа.
– При електронски упис не е потребно да се достави на Извод од Матичната книга на родените, со оглед на тоа што податоците врз основа на ЕМБГ на детето се црпат системски и автоматски од Националниот регистар на население. И оваа година пријавувањето и поднесувањето на документите, покрај стандардниот начин со физичко присуство во училиштето, ќе може да се врши и електронски – велат во МОН.