Приказната за светски познатиот хирург Паоло Макијарини можеби сте ја прочитале по медиумите во регионот. Имено, овој човек во 2008 година на Клаудија Кастилјо, млада жена од Барселона, ѝ вградил вештачки душник, па со тоа го воодушеви светот.
фото извор: sciencemag.org
Тоа бил неговиот прв голем успех, а неговиот зафат медиумите го нарекоа револуционерен.
Денес знаеме дека тоа не е вистина, а сериозните здравствени компликации што ѝ се случија на неговата пациентка долго време беа скриени. Во исто време, неговата кариера цветала. Работел на престижниот шведски институт „Каролинска“, каде што ја унапредил својата техника, а првото лице што го искусило овој напредок бил Андемариам Бејен, чие заздравување на славниот хирург му обезбеди место на насловната страница на „Њујорк тајмс“.
За него е снимен и документарен филм. Меѓутоа, минатата година на виделина излезе грдата вистина. Од 17 пациенти на кои Макијарини им помогнал, поголемиот дел се мртви, меѓу кои и Бејен. Преживеаните, меѓу кои и Катилјо, денес живеат со вештачки душници. Докторот бил и во врска со продуцентката на документарниот филм, а до моментот на емитувањето тие планирале и венчавка.
Докторот често се фалел со своите познати пријатели, како Обама и Клинтон, Владимир Путин, Никола Саркози и останати светски моќници. На свадбата требало да пее Андреа Бочели, а да ги венча папата Франциск. Тоа е барем приказната што докторот ѝ ја сервирал на својата свршеница.
Како што се приближувал датумот на венчавката, неговата свршеница почнала да ја открива вистината. Сè било лага, а венчавката не била можна бидејќи докторот бил уште во брак. Експертите за психопати констатирале дека хирургот е екстремен пример на измамник.
Многумина тогаш се запрашале дали хирургот ги мамел и своите пациенти?
На шведска телевизија бил прикажан документарец во 3 дела во кој се тврди дека вештачките душници предизвикале повеќе штета отколку корист. Институтот „Каролинска“ веднаш покренал истрага и за само неколку дена објавил дека договорот на докторот нема да се продолжи. И додека неговата кариера доживеала голем удар, сепак останува прашањето кој му дозволил толку долго време да ги реализира своите опасни експерименти.
Неговата слава му дозволила да прави што сака, а вештачките душници требало прво да бидат тестирани на животни, но тој не го направил тоа. Неговите пациенти немале друга алтернатива, а имале малку време. Во такви случаи постои „дупка“, која му овозможила да го направи сето тоа. Истрагата покажала и дека сите пациенти не биле во животна опасност. Сепак, тоа не ги оправдува делата на хирургот.
Некои се сомневале во докторот уште од самиот почеток, но нивните критики не успеале да ја откријат вистината. По избивањето на скандалот, многу соработници на
докторот од шведскиот институт останале без работа.
Ова не е единствен случај со измами во здравствениот сектор, статистички гледано. Голем дел од вината е на мејнстрим-медиумите, кои крајно нетактично пристапуваат на оваа тема. Сепак, оваа приказна има своја порака, а таа е дека секогаш мора да се биде внимателен кога се зборува за „месиите во светот на медицината“ и нивните ветувања.