Реалниот живот во Северна Кореја е толку строго чуван од страна на диктаторот што е на власт, што претставува мистерија за остатокот од светот. Новинарката Ана Фајфел од „Вашингтон пост“, која покрива настани за надворешни работи во Северна Кореја веќе една деценија, одговорила на прашањата во врска со секојдневниот живот во земјата.
Таа вели дека кога Ким Јонг-ун станал лидер, многу жители сметале дека животот ќе се подобри. Но, по 6 години власт тој докажал дека е брутален исто како и претходните лидери. Новинарката правела и анкети во кои граѓаните одговориле дека земјата е како религија – уште од раѓање жителите на земјата учат за семејството на Ким, учат дека тие се богови и дека граѓанинот мора да биде послушен кон семејството Ким. Елитите се третирани на подобар начин и поради тоа водат грижа системот да биде стабилен. Но, според сите други, во земјата владее терор, а луѓето се исплашени.
Во слободно време богатите граѓани уживаат во одредени активности. Во последно време најмногу во возење ролери. Некои одат на вежбање и на јога. Богатите имаат повеќе можности за уживање, па често играат пинг-понг и билјард. Но, повеќето едвај крпат крај со крај, па немаат доволно слободно време, вели Фајфел.
Кога турист или новинар или кој било странски посетител доаѓа во земјата, тој е постојано набљудуван од страна на властите. Фајфел смета дека нејзината соба е озвучена со микрофони и камери.
Мислењата на граѓаните се поделени – некои веруваат во системот и во целата пропаганда што се шири. Други, пак, сметаат дека сето тоа е лага. Сепак, многу е тешко да се изрази неверување или критика кон режимот бидејќи тој што ќе го направи тоа ќе заврши во концентрационен камп, како и следните 3 генерации од неговото потомство. Затоа, луѓето повеќе се обидуваат да побегнат отколку да го променат системот, истакнува новинарката.
Фајфел вели дека граѓаните на Северна Кореја сега знаат за надворешниот свет. Речиси секој од нив гледал странски филмови, па знае дека остатокот од светот е многу побогато и послободно место. Кај некои е многу изразена желбата да ја почувствуваат таа слобода и да го истакнат сопственото мислење, вели Фајфел.