X
 21.09.2017 Живот

Утревечер календарски ни пристигнува есента!

По доста жешкото и сушно лето, во петок на 22 септември, во Македонија и на северната хемисфера, календарски започнува есента. Во Македонија, таа офицјално ќе пристигне во 22.02 часот по средноевропско време. Во првиот ден на есента (инаку 265-ти ден во годината), денот и ноќта на целата Земјина топка ќе траат подеднакво, со тоа што на северната хемисфера ќе биде есенска рамноденица (еквиноциум), а на јужната пак пролетна рамноденица (таму почнува пролетта). Во првиот есенски ден, Сонцето ќе изгрее во 6 часот и 20 минути точно на исток, а ќе зајде во 18 часот и 32 минути точно на запад. Оддалеченоста на Земјата од Сонцето ќе биде околу 149,5 милиони километри или блиску до просечната вредност.



Есента ќе заврши на 21 декември во 17 часот и 27 минути, односно ќе трае 91 ден. Тогаш на северната полутопка ќе почне зимата и овој ден е познат како зимски солстициум или зимска краткоденица. Значи од сабота, постепено до 21 декември ноќта ќе се зголемува до максималните 15 часа, а денот ќе се намалува до само 9 часа. Во исто време, додека на северната хемисвера почнува есента, на јужната пак започнува пролетта и таму ноќите ќе стануваат пократки од деновите исто така до 21 декември. За причините за промена на годишните времиња, повеќе можете да видите овде.

Инаку оваа лето ќе остане запаметено како едно од најжешките и најсушните во последните децении, не само во Македонија туку и на целиот Балкански Полуостров, па и пошироко. Така, максималните температури на воздухот во пониските места во Македонија, долго се задржуваа над 35 степени целзиусови, а по долината на Вардар дури и над 40 степени целзиусови. Овогодинешната летна температура (јули, август и септември) во Македонија, според првичните податоци од мерните станици е околу 2-3 степени повисока од просекот за 1981-2010 година. Воедно, само неколку дена беа со врнежи, главно со краткотраен пороен карактер. Тоа погодуваше за брзо активирање и тлеење на голем број пожари низ различни делови на државата. Интересно е што временските прогнозите за ова лето на Балканот и во Македонија, презентирани уште во месец јуни на ИГЕО-порталот (од разни метеоролошки извори, главно accuweather), целосно се остварија. Тоа покажува колку напреднаа метеоролошко-климатските моделирања, пред се со користење на современа технологија, автоматски метео-станици, сателитски мерења, суперкомпјутери и сл.



Според accuweather, NOAA, NASA и др., за разлика од летото, се очекува есента во јужниот дел на Балканот и во Македонија да биде релативно врнежлива, но потопла од просекот, посебно во месеците ноември и декември. Тогаш може да се јават поинтензивни долготрајни врнежи, со голема веројатност за локални поплави во широките речни долини (Вардар, Црна, Крива Река, Брегалница), а ќе има и неколку продори на студени фронтови од север и североисток веќе од почетокот на октомври. Всушност, веќе првите есенски денови ќе бидат типично „есенски“, со заладување и послаби врнежи.

Како и да е, следните 3 месеци може да уживаме во пријатните, посвежи и релативно врнежливи есенски денови.

Автор: д-р Ивица Милевски / iGeo
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот