X
 25.09.2017 Култура

Александар Меквин: Дивата убавина на дизајнот


Александар Меквин
(Фото: Wikimedia Commons)

На 11 февруари 2010 година светот остана без еден од најголемите гении на високата мода. Александар Меквин беше инспирација за целиот свет – од проблематично дете од работничко семејство, неговото име стана едно од најпрепознатливите во светот.

Вистински талентираниот Меквин еднаш во својот дизајн вградил човечка коса, а платформи високи 30 сантиметри испратил на catwalk. Тој ги комбинирал мајсторското кроење и сензибилитетот на високата мода со имагинација која се движела од мрачна до возвишена.

Кога наполнил 16 години, Александар го напуштил училиштето и се вработил во дуќан на прочуената улица „Савил роу“ (најпознатата улица во Лондон каде што се наоѓаат бутици во кои се шијат машки костуми по мерка) како кројач на машки костуми. Потоа работел со театарски дизајнери на костими, каде што развил сопствен драматичен стил кој станал препознатлив за неговиот натамошен независен дизајнерски стил.

На 27 години станал главен дизајнер на модната куќа „Живанши“. Таму ги поместил границите на очекувањата од другите (на една ревија се појавил модел со ампутирани нозе), но сепек Александар се жалел дека нема доволно уметничка слобода. Говорел дека се чувствува креативно попречен и дека сè се врти околу парите во светот на високата мода. И покрај сè, Меквин трипати ја добил наградата за најдобар британски дизајнер.

Во 2000 година Гучи купил 51 процент од акциите во Меквиновата приватна компанија и на тој начин Александар обезбедил доволно капитал за проширување на својот бизнис. Тогаш отворил бутици во Њујорк, Милано, Лондон, Лас Вегас и во Лос Анџелес и станал многу успешен.

Но, набрзо, поради контроверзиите во врска со театралните ревии и имиџот на лошо момче, стекнал негативна репутација. Не се плашел јавно да го каже тоа што го мислел, не се срамел од своето потекло, а со своите креации ги поместил границите во модната индустрија.

Додека растел, во неговото семејство често се гледале филмовите на Хичкок, па тие му станале главна инспирација, но исто така свое влијание имале и Едгар Алан По, Сидни Полак, Господарот на мувите, како и новинарката и авторката на еротски романи која пишувала под псевдонимот Полин Риџ. Себеси се опишувал како „розовата овца во семејството“ – неподобен, но не и одбиен. На 18 години на своите им соопштил дека е хомосексуалец, иако тоа го чувствувал многу порано.

Еднаш и самиот изјавил: „Кога ќе видите жена што носи облека дизајнирана од Меквин, кај неа постои одредена цврстина која ја прави моќна. Тоа е начин на одбрана. Мора да имате навистина храброст да ѝ пријдете на жена што носи моја облека“.

Една од неговите први ревии што предизвикаа големи реакции е есенската колекција 1995 под наслов Highland Rape. На неа се појавиле модели во фустани од тартан, како и елеци со искинати градници. Повеќето критичари тогаш го обвиниле за мизогинија. Всушност, ревијата била инспирирана од етничкото чистење што го спроведувале британските сили на просторите на Шкотска во 18 и 19 век.

Интегрално, во неговата култура централно место заземало спојувањето на контрасни елементи: слабост и сила, традиција и модерно, флуидност и сериозност. Неговите ревии секогаш претставувале кулминација на Париската модна недела, уште од 2000 година кога првпат настапил.

На 11 февруари 2010 година, откако зеде коктел од таблети за спиење, седативи и кокаин, Александар Меквин се обеси во својот стан во централен Лондон, само еден ден пред погребот на неговата мајка, со која бил премногу близок. Последните години од животот страдал од анксиозност и депресија. Преоптовареноста со работата директно влијаела врз менталното здравје на креаторот. Бил извонреден дизајнер на својата генерација, а може да се гледа и како на уметник во романтична традиција: разбиен од внатрешните конфликти што пронаоѓале свој израз во облеката, насочена не кон едноставна елеганција туку кон насилство, милост и болка.

Во негова чест е одржана уметничка изложба под наслов „Дива убавина“ (Savage Beauty) во музејот на уметноста „Метрополитен“. На влезот стоел натпис: „Јас сум романтичен шизофреник“, а изложбата содржи делови од неговите колекции, како и холограм од Кејт Мос во природна големина.

Неговото дело, а не неговиот крај, ја потврдува неговата романтична величина. Последната соба од изложбата е полна со светлина, музиката е силна и витална, а зборовите на Меквин стојат на ѕидот:

„Сега ми нема враќање“.


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура