X
 06.04.2022 Наша тема

Самоуката дизајнерка Нина Георгиева - дел од тимот на „Инстаграм“

Вработените во „Гугл“ се елитна група - од сериски претприемачи и поранешни брокери на „Вол стрит“ до топ-дипломци од „Харвард“ и „Стенфорд“. А јас? Клошар од Скопје што мислеше дека школото е без врска и научи дизајн на пиратирана верзија на „Фотошоп“, вели Нина

Нина Георгиева, или позната под псевдонимот Нина Геометриева, е самоук графички дизајнер, а од неодамна работи во „Инстаграм“. Претходно собра солидно искуство во компанијата „Гугл“ во Токио и во Сингапур. Нејзините амбиции не застануваат тука, таа планира да продолжи да се обучува за да решава сѐ поголеми проблеми со поголема леснотија и креативност.

Која е Нина Геометриева?

- Јас сум дизајнер во „Инстаграм“, НФТ-артист и уживател во 99% темно чоколадо.
Оригинално од Скопје, кариерата ме одведе на неочекувани места низ светот. Од пред два месеца живеам во Њујорк, а претходно бев продукт-дизајнер во „Гугл“ во Токио и во Сингапур. Почнав како самоук графички дизајнер и работев фриленс за интернационални клиенти, објавувајќи ги моите дела онлајн. Некои од моите дизајни предизвикаа светска реакција, што ми отвори разни врати на почетокот на кариерата.


Нина Геометриева

Моментално сте дел од тимот на „Инстаграм“... Како дојде до соработката?

- Приказната започнува во 2017 година кога „Фејсбук“ (сега „Мета“) ме праша дали сакам да бидам интервјуирана и јас прифатив од љубопитност. Исходот не ми беше баш битен, па така излезе ситуацијата разговорот да тече од бар во Карпош додека почнуваше жива музика, и за некое чудо го поминав интервјуто. Немаа позиција што ми фати око, ама останавме во контакт - оттогаш на секои 6 месеци од нив добивав по една е-порака. Во 2021 година, по промоција во „Гугл мапс“, сакав да пробам нешто ново, па почнав да размислувам кои би биле најинтересните компании во светот за дизајнери. Нормално, „Епл“ ми беше на врвот на листата, но бев многу заинтересирана и за „Инстаграм“. Баш тогаш се погоди да добијам една е-порака од „Мета“, матичната компанија на „Инстаграм“, па почнавме да преговараме.
„Епл“ е сон на секој дизајнер, но „Инстаграм“ ми остави многу силен впечаток на модерна, свежа дизајнерска компанија и напредна култура. Исто така, ми ветија и перманентно работење од дома, што мене лично ми е многу битно. Можеби во времето на Стив Џобс или Џони Ајв ќе ја изберев „Епл“, но денешната „Епл“ ми остави впечаток на компанија со стара слава.
Мојата позиција во „Инстаграм“ е лидер на продукт-дизајн во еден нов дел од инстаграм-шопинг. Јас сум задолжена за корисничкото искуство и дизајнот, колку е лесно да се користи, колку е интересен продуктот и колку им помага на луѓето. Исто така, ги координирам и другите функции поврзани со корисничкото искуство, како истражување, контент-дизајн, визуелен дизајн и прототипирање.



Велите дека „Инстаграм“ има силна дизајнерска култура, комплетна флексибилност на работа, брзина, како и комоција во преземање ризици... Кој е предизвикот да се работи за „Инстаграм“?

- „Мета“ во технолошките кругови е позната како компанија во која се работи напорно и со ненормална брзина, но и со големо очекување на успешни резултати. Оваа динамика произлегува од самата структура на компензација, меѓу другите фактори, која наградува добар перформанс - со потенцијал за заработка на дупла или 3 пати поголема годишна плата за врвните вработени.
А „Гугл“ е на другата страна на спектарот, често рефериран како пензионерски дом поради опуштеното темпо на работа и соодветно, има малку послаба компензација.
Бренд-асоцијацијата на „Мета“ често страда од скандали, па работењето тука доаѓа и со одредено ниво на контроверзија. Како резултат на тоа, има и голема флуктуација на цената на акциите што директно влијае врз платата, која во голем дел се состои од акции.
Дизајнерите во „Инстаграм“ имаат силна моќ на одлучување и целата компанија навистина е ориентирана околу дизајн, но истовремено има и голем притисок за одржување високи стандарди, ригорозност на мисла и брутално ниво на дизајн-критика. Корисничкото искуство се дискутира со длабоки дискусии за самиот продукт, не само за дизајнот во изолација. Тука нема да помине ниту еден заборавен пиксел, ниту една одлука без одлично образложение. И ако нешто не штима, дизајнерот има доволно голем глас да го блокира лансирањето на продуктот, што е голема работа. Колку и да е добра вест ова ниво на почит кон дизајнот, толку носи и анксиозност и ниво на одговорност на кое јас сѐ уште се навикнувам.



На што Ве научи искуството во „Гугл“?

- Мојата авантура во „Гугл“ започна пред 5 години во Сингапур, со мобилна апликација наречена Тез, која по успешното деби еволуира во „Гугл плеј“. Потоа прифатив друга улога во „Гугл мапс“ во Токио, каде што водев неколку интересни проекти.
Уште ми се смешни моите први денови во „Гугл“ кога бев црна овца во бело стадо.
Вработените во „Гугл“ се елитна група со педигре - од сериски претприемачи и поранешни брокери на „Вол стрит“ до топ-дипломци од „Харвард“ и „Стенфорд“ со многубројни пофалби.
А јас? Клошар од Скопје што мислеше дека школото е без врска и научи дизајн на пиратирана верзија на „Фотошоп“. Згора на тоа, „Гугл“ ме вработи како продукт-дизајнер и покрај тоа што мојата кариера тогаш беше главно во визуелен дизајн, што е сосема различна дисциплина. И нормално, на почетокот немав поим што правам и се чувствував како измамник. Но, со текот на времето научив еден тон работи и станав посамоуверена во моите вештини, па за среќа тоа чувство исчезна. „Гугл“ беше моето продукт-дизајн школо, на некој начин.



За себе велите дека сте самоука дизајнерка... Споменувате дека имате изодено трнлив пат за да влезете во кругот на „Гугл“. На што ја препишувате Вашата успешна кариера?

- Целото мое знаење на почетокот на кариерата беше од „Јутјуб“, пребарувачот „Гугл“ и преку самооткривање. А трње на патот имаше еден тон, главно во форма на одбиени визи, што ми уништи одлични можности да работам за „Саунд клауд“, „Мајкрософт“ и „Гугл срч“ во Америка. Но затоа денес сум експерт за американски визи, особено за „визата за гении“ или О1. Преселбата во Сингапур беше многу битен момент во мојата кариера, кој ме изложи на интернационален квалитет на компании и дизајнери. Оттаму ми се отворија можности да работам рамо до рамо со светско етаблирани дизајнери.

Не мислам дека има универзална формула за успех, а и нивоата на успех се релативни и зависат од целите на индивидуата. Но ќе се обидам да ги дестилирам факторите што мислам дека ми помагаат да ги достигнам моите цели:
1. Искрен, длабок интерес во дизајн. Не можам и не сакам да прекинам да размислувам за дизајн. Анализирам сè околу мене преку леќите на дизајн и ја користам секоја шанса за да разберам нешто ново.
2. Апсолутна опсесија со преселување таму каде што најдобрите дизајнери живеат и работат. Мислам дека средината има огромно влијание врз тоа кои ти се референтните точки за успех, начинот на работа, квалитетот на работа и начинот на размислување.
3. Гордост од своите успеси, но и перманентно незадоволство и амбиција за повеќе. Лесно е да се заглави на еден од екстремите - гордоста не дава причина за развиток, а комплетното незадоволство е парализирачко и не поттикнува акција.



Надвор од работните ангажмани, преку Вашиот инстаграм-профил нудите поинаков поглед на светот, на реалноста, сегашноста, иднината... Јасно е дека имате силна имагинација... Каков микросвет обелоденувате преку својата киборг-персона?

- Инстаграм-профилот ми е копнеж по некоја далечна иднина каде што сум вистински киборг и имам вистински аугментации на моите способности. Но, исто така, е и акаунт за експерименти со мода – улична мода и тех-облека, воени инспирации. Живеејќи во едни од најсајбер-панк градови во светот, заедно со Дамјан, решивме да ги документираме разните приказни и амбиенти.
Сѐ започна во Сингапур кога правев снимка во болница (ништо сериозно, за среќа!) и болничката наметка што ми ја дадоа да ја носам совршено се совпаѓаше со мојот каиш и чанта, па решив да ја сликам комбинацијата. Таа рандом фотографија некако достигна вирален момент и беше број еден на „Редит“, па и локални медиуми во Сингапур почнаа да пишуваат за неа. Набргу болницата ми прати подарок со три различни наметки и со нив направив фотосесија која ми го лансира инстаграм-акаунтот, и стилот на облекување.


Дизајн на Нина

На кое поле сакате да се надградувате, усовршувате... Каде се гледате себеси?

- Мојата работа, просто кажано, е да решавам проблеми. Има многу интересни проблеми во светот, од социјални мрежи, виртуелна реалност и метаверзуми до крипто и НФТ. Би било интересно да дадам целосен фокус на НФТ како дигитален архитект зад сцената, не само како артист. Исто така, би било кул да се посветам на градење на иднината на работење преку метаверзумот. И иднината на интеракција со компјутери, но и со луѓе. Има огромно пространство на неистражени можности во секое од овие полиња.
Како и да е, што и да изберам, сакам да продолжам да се тренирам да можам да решавам сѐ поголеми проблеми со поголема леснотија и креативност.


Дизајн на Нина

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема