Фото: Flickr
Делчиња од 52.000 коски што биле откриени во една хрватска пештера им овозможиле на истражувачите нови сознанија за нашата поврзаност со изумрените наши „роднини“, неандерталците.
Коските биле анализирани со цел да обезбедат редок пример за речиси комплетен неандерталски геном, помагајќи да се потврдат неколку хипотези за нивната еволуција, насочувајќи ги научниците да размислат за тоа колку геноми делиме со нив.
Декодирањето на ДНК на неандерталците е стара вест. Во 2010 година истражувачите со помош на 44 коски откриени во пештерата Виндија, во далечниот северен дел на Хрватска, ја откриле ДНК на неандерталците.
Тие ја откриле првата комплетна секвенција на неандерталскиот геном, поставувајќи значајни податоци во генетиката и проучувањето на човечката историја.
Поголем успех имале во 2014 година на Алтајските Планини во Сибир, со уште подобар примерок стар 122.000 години што обезбеди целосен редослед на неандерталка. Од нејзиниот геном истражувачите ги споредиле односите помеѓу современите луѓе, неандерталците и уште еден вид близок на луѓето, денисовскиот човек.
Гените на примерокот од Алтај сугерираат дека 2,1 отсто од ДНК на модерните Европејци и Азијци може да потекнуваат од прадедо и прабаба неандерталец.
Истражувачите од Институтот за еволутивна антропологија „Макс Планк“ сакале да знаат дали подобрувањата во технологијата би можеле да помогнат да се дознаат повеќе информации за коските од Виндија.
Една коска, наречена „Виндија 33,19“, покажала многу.
Истражувачите успеале да создадат втор комплетен, квалитетен неандерталски геном од една индивидуа. Со сумирање на истражувањето, антрополозите сега имаат појасна слика за врската помеѓу неандерталците и директните предци на денешното европско и азиско население. Слично на она што било откриено во претходните истражувања, „Виндија 33,19“ потекнува од населено место со 3.000 жители.
Геномот „Алтај“ навестувал дека родителите биле полубраќа и полусестри, поттикнувајќи прашања дека неандерталците можеле да бидат инцестуозни. Сепак, „Виндија 33,19“ не покажува дека нејзините родители биле поврзани.
Живеејќи во Европа поблиску во времето кога луѓето првпат почнале да живеат во Африка, нејзината ДНК дава посилна индикација за тоа кои видови гени ги делат со модерните човечки групи.
Излегува дека европската и азиската ДНК би можеле да бидат 2,6 отсто неандерталски.
Истражувањето, исто така, покажа дека неандерталците и современите предци на човекот се мешале помеѓу 130.000 и 145.000 години, пред да се поделат хрватските и сибирските неандерталци.
Гените што роднините на „Виндија 33,19“ ги пренеле имаат ефект врз нивото на холестеролот во крвта, разни нарушувања во исхраната, акумулацијата на маснотиите околу стомакот, одговорите на антипсихотичните лекови и развојот на состојби како ревматоиден артритис и шизофренија.
Посебно истражување откри дека гените на неандерталците кај современите луѓе може да влијаат врз бојата на кожата и косата, навиките за спиење, расположението, па дури и ризикот од зависност од никотин.
Со идните напредоци во технологијата за екстракција и секвенционирање и можни нови откритија, речиси е сигурно дека грубите бројки ќе бидат подобро претставени и ќе обезбедат подлабок увид во нашето заедничко наследство.
Десетици илјади години нашите „роднини“ се шетале низ континентот, приспособувајќи се на нови клими, и се населувале во егзотични нови земји. Поминале речиси 30.000 години откако починал последниот неандерталец.
Неандерталците можеби одамна ги нема, но нивното наследство живее во многумина од нас.