X
 18.10.2017 Колумни

КОЛУМНА: ЏИШ #4 - Идеал



Колумна на Марија Грубор

Еднаш, во текот на едно особено гргорливо утро, на тротоарот до булеварот лежеше еден Идеал од ретка сорта во претсмртни болки.

Минатиот ден имаше излокано повеќе од обично, па влезе во алкохолна психоза и долго луташе наоколу бесполезно страдајќи, сѐ додека не заврши под гумите на нов BMW X6.

Го заслужи по малце. Сепак, негова беше несмасната одлука да тренира чекорење во права линија како едногодишначе на средината на булеварот, гласно викајќи „I’m still alive motherfuckers!“

Скромниот урбан крузер, откако саглам го поткачи и истовремено здроби Идеалот ко да е направен од златен стиропор, летна со 130ка право на тротоарот и успешно се забоде во фрижидер од ближната трафика. Возилото смирено се повлече кон оригиналната траекторија и продолжи понатаму, додека луѓето воодушевено му мавтаа со своите утрински весници. Идеалот лежеше во вирче крв, целиот сторен наопаку, а минувачите трчаа кон превртениот фрижидер и бутаа бесплатни шишиња Кока-Кола во торбите. Автобусите доаѓаа. Автобусите си одеа. Таков е животот, како сите – така и ти.

Идеалот, рака на срце, беше потонат во магично нихилистичко ништавило последниве години. Не успеваше да ги задржи пријателите. Ни жените ни мажите не можеа долго да го истрпат, а откако се пропи и престана да ја бричи брадата, веќе не беше ни убав на око. Ги плашеше децата на улица. Почна преопширно да држи бајати монолози. Го одбија за инвалидска пензија.

Се витоса. Сега, наоѓајќи се сиот наопаку на средина од булеварот, се чувствуваше како да се нашол во Чистилиштето, а Чичкото од режија му ја премотува лентата на неговото дотогашно постоење. Отчет.

Сега, некогашниот механички двигател на срцата, а можеби и цело битисување, лежеше во постела од пластифицирано урбано зеленило. Орди млади луѓе нагрнуваа на улицата, трчкајќи по автобуси со телефоните во рака, едвај погледнувајќи го брадосаниот алкос кој крвари во тревата точно меѓу стуткана лименка од Скопско и .... Прометно е, ќе го собере некој.

Сосема очекувано, една млада девојка, потоната во златокопачко-еротски фантазии за еден успешен маркетинг менаџер, и буквално го прескокна.

Зајдисонцето ѝ даде посебен сјај на последната капка крв; штета што немаше кој да слика за на Insta.

Отприлика околу седум и дваесет часот попладне умре последниот идеал во земјата, а госпоѓата која гледа турски серии во трафиката се јави во градското комунално претпријатие за да ја пријави мршата.

*

Првата верзија беше дел од Железни Жерави на КМА,
бесна збирка на женско прозно писмо.

Автор: Марија Грубор

Марија Грубор е дипломиран психолог, поетеса, прозаистка, колумнистка и фотографка. Дипломирала на Институтот за психологија во Скопје, а потоа се запишува на постдипломски студии на Институтот за општествени и хуманистички науки со намера да ги продлабочува знаењата и искуствата од критичките теории. Има објавувано песни, есеи, написи и колумни во повеќе печатени и дигитални списанија, блогови и портали, а учествувала на две фотографски изложби во Скопје и една во Белград.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни