X
 23.11.2017 Култура

За љубомората и за другите демони



Колумна на Виктор Ефтимов

А светов никогаш досега не бил подобар и поудобен за живеење, овде и на овие простори расфрлени како парчиња камен и ласкави слова помеѓу брат и брат, комшија и комшија, мајка и маќеа; барем откога знам за него, иако некои со сигурност велат дека можеби бил - пред неколку децении, но сега чашата е веќе полуиспразнета, или чинам беше полуполна, и тоа навистина нема никакво значење, бидејќи како и да ја гледаш – таа сама од себе нема да се наполни. Ниту да се испразни.

И како за почеток, доволно е да престанеме да црпиме вода од неа за наводнување на сопствените градини. Не секогаш по дождот се јавуваат печурки. Може сонце да пекне, па змиите да извадат глава. Сакав да кажам, каде што има љубов, има и љубомора. А таа е безопасна во мали количини, па дури и здрава, сè додека не прерасне во болест од која тешко боледува денешниот вистински Македонец.

Имено, сите го знаете вицот, нели? Си биле Македонец, Србин и Грк, и фатиле златна рипка. Златната рипка им рекла: „Ако ме пуштите, ќе ви исполнам по една желба на сите“. Сите се сложиле и почнале еден по еден. Србинот сакал сите во неговата земја да бидат богати. Гркот побарал да биде изграден ѕид околу Грција за да не ги гледа соседите. Златната рипка им ги исполнила нивните желби, за на крајот Македонецот да ѝ каже да ја наполни внатрешнината на ѕидините со вода.

Доколку не успеавте да го пронајдете во вашата колекција на шеги и досетки, тогаш сигурно сте чуле за други варијации налик на вицов, каде што исто така преовладува итрината на Македонецот, а и она другото таканаречено „не за себе, ами против другите“. Претпоставувам, сега ви е веќе појасно дека не станува збор за љубомората во љубовните полиња (или тоа се викаше љубов), туку за нешто сосема друго, прифатено како дел од македонската култура и традиција со која израснале многу генерации. Притоа не гледам потреба за наведување примери од секојдневниот живот за докажување на изреченото, бидејќи верувам дека вам, како и мене, добро ви се познати и туѓата и сопствената љубомора.

Немојте погрешно да ме сфатите дека таа суштествува само на овие простори. Колку што јас паметам, истото сонце го грее и останатиот дел од светот, башка и од исти никулци сме никнале, па сигурно и таму вирее гореспоменатата одлика. Меѓутоа, поентата ми беше друга: за вас, а не против другите. И само на тој начин, ако секој дотура по малку од своето во чашата, таа повторно ќе биде целосно полна или нималку празна.

Но, не влечете ме за збор, за на крај да не испадне дека во вицот јас сум вистинскиот Македонец.

Автор: Виктор Ефтимов

Виктор Ефтимов е студент на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Институт за компјутерски технологии и инженерство (КТИ). Одговорен, истраен, посветен и фокусиран, тој е емотивно интелигентна личност, толерантен е, коректен и самосвесен. Има космополитски став кон светот. Сака да чита книги, сака шах.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура