X
 22.11.2017 Култура

Za ideale ginu budale



Колумна на Марија Грубор

Како да не е доволно макотрпно за еден човек да се едвај доноси до крај со своите лични проблеми, па уште и колективниот долг му се зголемувал.

Знаете, она што го нарекуваме општество.

Освен ако не планирате да се преселите во комуна во Швајцарија, ваљда ќе живеете до крај живота во некаква заедница. А заедниците имаат куќни редови. И многу животни. Овоштарници. Гумени базени со вода. Теписи кои чекаат ред за перење. Бавча.

Имаат како. Имаат зошто. Имаат ред, тек и распоред.

А штом е така,
Чуму тој страв?

*

[На Костадина]

Ај пуст да е,
Пуст да би останал животот
Ем машки ем црепски!
Роди се фикус – скот биди.
Роди се скот – фикус умри.
Цел живот уста пуста ковај ми
да не каже оти боли.

Додека растат момините солзи
А со нив и дебелите полжави кои ги грицкаат:
[нежно]
Замандалено е, велат, едно срце в тељои
Закопана е една коска
Една вина невина
Под позлатени златни алтани
Од Слатница во Егејот
Од далматински карпи без риба
Од српска рида без вода
Од Волос, богот на Воловите
Чучнат меѓу Змијата и Жабата
во престол-костурница.

Кој ти скрши белите крилца
Крилца на галаби тажни?
Не успеваш да заборавиш
на ладните европски жени
и дуќанот на Којник
И Ленка, и Тодорка,
друшката ти мила
во коријана на раце што ја износи
И Цвета,
И Симка,
И мајките кои сал за солзи се родени!

А кој,
Кажи Кој е Таа
Што раздвои, а како ли раздвои
Човек од Човек
и насреде тури
Роб?

Течи му водо студена
Умирај му горо зелена
Денес
Имам
Капка
и Океан
Излиени од васер-вагата
Згуснати во својата рунтава вибрација
Судрени со носевите
Сторени точка
и цела една Магија.

Вчера имав само
Опожарена корија
Спржени пеперугини крилца
Кревка Фабрика
на младешки копнежи
и еден велосипед
кој никогаш не го поправивме.

Утре ќе имам
само еден
прецизен часовник
и дрвен предмет со Бескрајно
Лице.

Та секоја милисекунда
од Вавилон па наваму
да ја мерам,
созерцувам или прелестувам
како одмиен Фикус во недела
Света Срцеб(о)илка
и да го спакувам својот летачки Цреп,
турам ореол или фантомка на голата глава
и со цел куфер дијазепами & камења
з а м и н у в а м
кон Господарот на Ветрот
како авион со 53 пилоти
На писта-автопат
Како малата принцеза
Со чеиз ѓердан од денови,
камења ниски и студени
Како Малечката Невеста
од Санскритот или Етиопија
наредена ока злато и црни опали
да го барам Таота
Како речна вила со крв рептилска
Троглава ала со втиснат крст на челата
или само еден кедар разгранат
ил киприс издигнат
сред крепост тврдина
распеан в глубини
расшумен сред пустини
самовилско оро заигран!

Зоро, Зорице уба
Не зори.
Не разорви барем денес
Зоро, црна,
Алова, стрвна,
Изрутена в карпа мрак
И јалова, во троскот зараснат!

Мојот принц се уште
Учи да плива
Онаму во длабоконо
Во темнината
И умее ли да се радува
Како еластичен стегач
или штотуку изведено пиленце
или лепче со мармалад паднато наземи
или како самиот Марфи на себе што се насмеал?
Како Космосот кон Бог што се кикоти
И Алах пред Вонземјаните
или Азриел во косите на Лилит
Но и Марија Магдалена спроти Коринтјаните.

Иако куќа не направив
Куќа цел свет братски
Номадски ми е
И постела ми е
На Чумата косата
И по патиштата борбата
Дур тутунот на кантар и туч го мерам
Пијана од Вино,
Доблест или Поезија
И ако умрам ил загинам
Залуд не ме жалајте
Напијте се Блатечки пелин
И допишете ги стиховите

Јас, Милева Мариќ и Другите
Еве јаваме по еден бел ат кон
Изгрејсонцето
Зајдимесецот
Веќе лето осмо, зима деветта
Стркалани кон Себе
Поитани кон Тебе

Да поднесеме
и принесеме

Слава
или Споменик

За секое Дете.

*



Автор: Марија Грубор

Марија Грубор е дипломиран психолог, поетеса, прозаистка, колумнистка и фотографка. Дипломирала на Институтот за психологија во Скопје, а потоа се запишува на постдипломски студии на Институтот за општествени и хуманистички науки со намера да ги продлабочува знаењата и искуствата од критичките теории. Има објавувано песни, есеи, написи и колумни во повеќе печатени и дигитални списанија, блогови и портали, а учествувала на две фотографски изложби во Скопје и една во Белград.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура