X
 24.10.2017 Наука

Најоддалеченото место на Земјата

1

Се смета за едно од најоддалечените места на Земјата и токму поради тоа претставува дом на она што НАСА го нарекува светски „вселенски гробишта“.

Можеби го знаете како Поинт Немо, што на латински значи „никој“, или според официјалното име: Океанскиот пол на непристапноста. Се наоѓа во Тихиот Океан и е најоддалечената точка на нашата планета. Затоа, вселенските агенции во светот го користат како последното место каде што завршуваат вселенските летала што некогаш орбитирале над нас.

„На околу 2.400 километри оддалеченост од кое било место, ова претставува најоддалеченото место од која било човечка цивилизација“, вели НАСА.

Во суштина, вселенските агенции без никаков проблем ги лансираат леталата, без опасност да удрат нешто друго.

Кога Меѓународната вселенска станица ќе биде повлечена од употреба во наредните децении, Поинт Немо е местото каде што ќе „умре“.

Помеѓу 1971 и средината на 2016 година вселенските агенции во светот фрлиле најмалку 260 вселенски летала во регионот. А бројот значително се зголемил во последните неколку години. Досега Русите имаат фрлено најголем број вселенски летала, вклучувајќи ја и поранешната вселенска станица „Мир“, која била повлечена од употреба во 2001 година и била испратена во подводните гробишта по 15 години поминати во вселената.

Не сите вселенски летала завршуваат на ова место. Многу помали сателити не успеваат ни да стигнат до Поинт Немо бидејќи топлината од триењето со воздухот го согорува сателитот како што паѓа на Земјата, со брзина од илјадници километри на час.

Алтернативно, објектите што се наоѓаат во многу висока орбита го користат последниот дел од горивото за да експлодираат подалеку во вселената, каде што ќе можат да лебдат низ вселената без да претставуваат закана. Вистинскиот проблем е кога ја губиме контролата врз нашите небесни возила - што неодамна се случи со првата кинеска вселенска лабораторија „Тјангонг-1“.

2
Фото: News Limited

Лансирано во септември 2011 година, леталото служело како основа за вселенските експерименти и било домаќин на две екипи. Но во септември минатата година кинеските официјални лица изјавиле дека ја изгубиле контролата над вселенската лабораторија и очекувале да падне на Земјата до април 2018 година. Кина тврди дека објектот, тежок 8.500 килограми, веројатно ќе изгори за време на повторното влегување во Земјата, меѓутоа, постои и сомневање за ова тврдење.

Вселенските гробишта, како Поинт Немо, дејствуваат како заштитна мрежа за вселенските објекти што не изгореле целосно по паѓањето назад на Земјата. Сега научниците се обидуваат да го исчистат складиштето. Во мај, глобалните научници се собраа во Канбера за да најдат решение за зголемената количина на вселенското ѓубре што ја уништува ниската орбита на Земјата.

Вселената стана преполна со стари сателити што не функционираат, потрошени ракетни делови и друг вештачки отпад, што би можело да ја оштети вредната инфраструктура.

Секојпат кога гледаме телевизија, кога користиме GPS или го проверуваме времето се потпираме на сателитската технологија. Проблемот е во тоа што постојано ги испраќаме горе, каде што купот од орбитирачко ѓубре станува поголем. Некои предвидувања укажуваат дека вселената би можела да стане неупотреблива во период од 20 години.

Се проценува дека околу 170 милиони парчиња остатоци кружат околу Земјата со брзина поголема од 27.000 километри на час. Најзагрижувачки е тоа што знаеме каде се 22.000 од нив - со што ги ставаме во ризик сателитите во вредност од 900 милијарди долари.

„Постојат толку многу остатоци што се судираат меѓу себе и создаваат повеќе остатоци. Катастрофалната лавина од судири за брзо време може да ги уништи сите орбитирачки сателити“, вели главниот извршен директор на Центарот за истражување на вселената во Канбера, Бен Грин.

Астрономите се надеваат дека ласерската технологија што се користи за следење на остатоците од вселената може да се покаже како корисна во искоренување на некои помали парчиња, со што би се забрзало нивното паѓање на Земјата и со тоа би изгореле во атмосферата.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука