X
 13.02.2019 Наука

Научниците откриле зошто китовите заринкуваат на плажите

Уште во 80-тите години научниците откриле врска помеѓу системот на подводни локации и намерното заринкување на клунестите китови на плажите, а сега шпанските научници можат да објаснат зошто го прават тоа.

Се чини дека звучните импулси на сонарот на смрт ги преплашуваат китовите бидејќи во нивниот организам предизвикуваат наплив на адреналин, како оној што се случува во човечкото тело, притоа предизвикувајќи смртоносни промени што негативно влијаат врз техниката на пливање на големите цицачи.

Проучувајќи примери од масовното заринкување на китовите, шпански експерти откриле дека во нивното тело, во моментот кога ќе ја почувствуваат близината на сонарот, се случува нешто слично на декомпресивна болест. Притоа, многу се преплашуваат и нивните вени се исполнуваат со меурчиња од азот, што резултира со тешко крвавење во мозокот, но и оштетување на другите органи.

- Кога ќе почувствуваат дека сонарот им е во близина, китовите се преплашуваат и се обидуваат да избегаат што побрзо и што подалеку од изворот на звук, менувајќи ја својата шема на пливање. Тогаш се под голем стрес - изјави Јара Берналдо де Куирос од шпанскиот универзитет „Лас Палмас де Гран Канарија“.

- Стресот влијае врз нивната вообичаена шема на пливање, поради што во телото им се акумулира азот и на крај овие прекрасни животни умираат во агонија - додава Јара.

Кај китовите е вообичаено бројот на отчукувања на срцето да им се намали за да се редуцира користењето на кислород и да се спречи концентрација на азот во моментот кога почнуваат да пливаат кон големи длабочини. Но, се чини дека звуците на сонарите ги надвладуваат и ги поништуваат сите овие природни мерки.

На китовите вокализацијата им е неопходна за да комуницираат со останатите членови од нивниот вид на големи растојанија. Звукот што сонарот го испушта при навигација, за детектирање на објекти и комуникација, може да го наруши повикот на китовите, да ги одвлече од нивното живеалиште и да им го оштети слухот.

Средната фреквенција на сонарниот сигнал (од 1 килохерц до 10 килохерци) е најверојатниот виновник за масовното заринкување на китовите што се случувало претходно. Забележани се и неколку масовни заринкувања на другите видови китови.

Шпанските истражувачи предупредуваат за посебен вид сонар што катастрофално влијае врз китовите, а станува збор за активен сонар со средна фреквенција и распон од околу 5 килохерци.

Тие проучувале податоци за околу 120 масовни заринкувања на китовите што се случиле помеѓу 1960 и 2004 година, а извршиле и обдукција на 10 заринкани китови на Канарските Острови во 2002 година откако поморски вежби се одвивале во близина. Тогаш го забележале ефектот на декомпресивна болест. Тие заклучиле дека сонарите различно влијаат врз различни видови китови и дека најмногу влијаат врз клунестите китови. Научниците ветиле дека ќе се ангажираат за забрана на употреба на такви сонари во подрачјата каде што живее споменатиот вид кит. На Канарските Острови ваквата забрана стапила во сила уште од 2002 година, по инцидентот.

- Дотогаш Канарските Острови беа најчесто место за ваков вид заринкување. Од донесувањето на забраната такво нешто не се случило ниту еднаш - вели Јара.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука