Фото: AFP
Две белешки што Алберт Ајнштајн му ги дал на неговиот доставувач во Токио, од кои една за тајната на среќниот живот, се појавиле 95 години подоцна и наскоро ќе бидат понудени на продажба на аукција во Ерусалим.
Познатиот физичар, автор на Теоријата за релативноста, во 1922 година бил на турнеја во Јапонија каде што одржувал предавања. Во тој период дознал дека ќе биде предложен за Нобелова награда за физика и неговата слава се проширила и надвор од научните кругови.
Во хотелот „Империјал“ во Токио еден доставувач му донел пакетче. Не е познато дали тој го одбил бакшишот, како што налагал локалниот обичај, или Ајнштајн немал ситно, меѓутоа, Ајнштајн не сакал доставувачот да си оди со празни раце, па му дал две белешки на германски јазик.
„Можеби, ако имаш среќа, овие белешки ќе бидат многу повредни од бакшиш“, му рекол Ајнштајн.
На едната белешка, напишана на лист од хартија со логото на хотелот „Империјал“, пишува: „Мирниот и скромен живот носи повеќе радост од турбулентната трка по успехот“.
На втората белешка, напишана на бела хартија, се наоѓа познатата поговорка од Ленин: „Каде што има волја, има и начин“.
Аукциската куќа „Винер“ ја потврди автентичноста на белешките. „Тие немаат научна вредност, но може да помогнат во одредувањето на личните мисли на Ајнштајн, чие име стана синоним за генијалност“, вели Рони Грос, задолжена за најголемата колекција на архиви на овој физичар на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим.
Двете белешки се понудени на продажба во „Винер“ во Ерусалим, заедно со други предмети, меѓу кои и писмата на
Ајнштајн што ги напишал пред крајот на неговиот живот.