X
 30.10.2017 Наука

„Бесмртните клетки“ фрлија сомнеж врз науката!


Микроскоп
(Фото: Thinkstock)


Вознемирувачка вест се прошири врз научната и пошироката заедница по објавувањето на написот на Серж Хорбах и Вилем Халфман од Универзитетот „Радбауд“ во Најмеген, во списанието PLoS ONE, на 12 октомври оваа година.

Според нивните процени, повеќе од 30.000 истражувања во областа на биомедицинските науки потенцијално се невалидни или содржат значајни грешки, со оглед на тоа дека во истражувањата користеле клеточни линии чиј идентитет бил погрешно идентификуван. Овие трудови се цитирани околу 500.000 пати, доведувајќи ја валидноста на биомедицинските резултати во голема криза.

Сè почнало во педесеттите години од минатиот век кога настанала првата линија на „бесмртни клетки“. Хенриета Лекс, според чие име оваа линија е наречена ХеЛа, починала од рак на грлото на матката во 1951 година. Нејзиниот лекар, без нејзино одобрување, зел примерок од нејзиното заболено ткиво и го проследил до лекарот Џорџ Геј, кој бил решен да создаде прва имортализирана (бесмртна) човечка клетка, во што успеал.

ХеЛа-клетките до денес се најкористената линија на клетки за испитување, особено познати по својата отпорност и неверојатната брзина на размножување. Се проценува дека до денес се создадени дури 20 тони ХеЛа-клетки во целиот свет. Јасно е дека клетката била создадена во 1951 година и нејзината реплика од 2017 година не може да биде целосно идентична, но тешко е да се поверува дека денес овие клетки драстично варираат дури и во бројот на хромозомите.

Инспирирани од ХеЛа-линијата, создадени се и многу други клеточни линии кои со текот на времето станале контаминирани со други клетки. Уште пред 17 години во списанието „Нејчер“ бил објавен коментар кој повикувал на решавање на овој проблем. Бо Малстром, шведски професор по биохемија кој починал истата година кога го објавил овој коментар, наведува дека ДНК-испитувањата со ХеЛа-клетки во некои случаи покажувале дека биле толку многу контаминирани и мутирани, што единственото нешто што останало од нив било името, ХеЛа-клетки.

Аманда Кејпс-Дејвис, претставничка на Интернационалниот одбор за автентикација на клеточни линии  (ICLAC), во еден напис од 2015 година објаснила колку е лесно да дојде до контаминација на клеточни линии. Кога ќе се постави културата, потребно е време пред да се развие линијата и тогаш клетките не се нужно активни. Во текот на оваа неактивност доволен е контакт само со една клетка од друго потекло за идентитетот на културата да се промени до непрепознатливост, а истражувачите и да не се свесни за тоа.

Иако сосема свесни за постоењето на овој проблем долги години наназад, истражувачите не стануваа посовесни по прашањето за испитување на потеклото на клетките што ги користат. Ваквото однесување довело и до бројот на спорни научни истражувања што ги презентираа Хобрах и Хлафман, поаѓајќи од фактот дека 451 клеточна линија биле целосно контаминирани. Се претпоставува дека во еден дел истражувачите го игнорирале овој проблем поради финансиски причини, како и поради константните притисоци да објавуваат нови трудови, немајќи доволно време да го проверат идентитетот на клеточните линии.

Хорбах, сепак, оптимистично верува дека истражувачите не ги објавуваат резултатите од истражувањата со компромитираните клетки намерно, туку дека сето тоа е плод од ненамерна грешка. Поголемиот проблем од барањето виновник тој го гледа во очигледната опасност што ваквите нерепликабилни и несигурни  резултати ја предизвикуваат за науката.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука