Има ли поубав начин да се одбележи вреден јубилеј од тоа да се направи со премиера? Македонската опера и балет синоќа прослави седум децении постоење со премиерата на едночинката „Кавалерија Рустикана“ од Пјетро Маскањи. Врвна изведба на сите до еден македонски солисти, одлична поддршка од оркестарот на МОБ, под раководство на Џанлука Мартиненги од Италија, а во режија на Џандоменико Вакари.
Весна Ѓиновска-Илкова и Марика Поповиќ (фото: МИА)
Операта во еден чин „Кавалерија Рустикана“ секогаш предизвикува внимание. Раскошната хорска изведба, впечатливите арии, кои само виртуозни солисти заслужуваат да и се обратат на публиката. Такви беа и синоќешните солисти, првенците Весна Ѓиновска-Илкова (Сантуца) и Борис Трајанов (Алфио), Ѓорѓи Цуцкоски (Туриду), како и Николина Јаневска и Марика Поповиќ.
За целосен впечаток од убавото дело, свој придонес имаа и сценографијата на Зоран Николовски, како и костимите на Елена Дончева.
На премиерата и претходеше Гала оперски концерт, под диригентство на Бисера Чадловска. Солистите на Македонската опера и балет изведуваа по неколку арии од Пучини, Росини, Џордано, Масне. Настапија: Павлина Новакова-Георгиев, Игор Дурловски, Нада Талевска-Спасовска, Марјан Јованоски, Дарко Нешовски, Катерина Стојановска, Ирена Кавкалевска и Славица Галиќ-Петровска. Уметниците од неколку генерации си добија заслужени аплаузи од публиката.
Но, можеби, МОБ требаше да ги оддели двете програми во посебни вечери, со оглед на тоа дека јубилејот на институцијата ќе се одбележува во текот на целата година. Така и двата настани ќе си добиеја повеќе внимание, а одбележувањето немаше да трае повеќе од три часа.
Фото МИА
Присутните ги поздрави в.д директорот на МОБ, Илија Рајковски, како и заменик-министерот за култура Владимир Лазовски. Рајковски се сврте кон историјата на оваа вредна институција, потсетувајќи дека „Кавалерија Рустикана“ под диригентската палка на Тодор Скаловски била премиерно изведена токму во 1947 година.