X
 18.08.2022 Наша тема

По скалилата на успехот со Весна Ѓиновска-Илкова: Мечтаев да бидам на сцена, да комуницирам со публиката, да пеам

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

Поради фактот што музиката беше насекаде околу мене, фокусот ми беше насочен на неа. Мечтаев да бидам на сцена, да комуницирам со публиката, да пеам, но во која форма, сѐ уште немав јасна слика, вели оперската примадона Весна Ѓиновска-Илкова за нејзините музички почетоци, кои преку напорна работа и пожртвуваност се претворија во блескава оперска кариера.

Весна Ѓиновска-Илкова е водечки драмски сопран во земјава. За неа се вели дека има софистицирано пијано, беспрекорна вокална техника, огромна музикалност, харизма и силно сценско присуство. Нејзиното деби на сцената на Македонската опера и балет во 1996 година било во улогата на Михаела во „Кармен“.

Освен интензивната изведувачка кариера, таа има значајна педагошка дејност и од нејзината класа по оперско пеење на ФМУ во Скопје веќе излегуваат врвни млади пејачи. За досегашниот изведувачки опус, добитничка е на голем број значајни награди и признанија, како „13 Ноември“ (2002), „Златна лира“ (2009), „Борис Христов“ (2001), „Ханс Габор Белведере“ (1996, 1998), личност на годината (2005), амбасадор на Стопанска комора (2006) и многу други.

- Без работа, нема успех. Постојат препреки, постојат личности кои ќе пробаат да ве одвратат од идеите, намерите... Но секогаш е потребна силна верба во себе и проекција на работата за следните неколку години. Плановите што сега ги имам се и мои предизвици - вели Ѓиновска-Илкова.

 

Уметноста отсекогаш била присутна во нејзиното семејство

Родена и израсната во скопската населба Пролет, уметноста секогаш била присутна во семејството на Ѓиновска-Илкова. Како дете, таа била многу темпераментна и полна со енергија и секогаш позитивна. Музичките почетоци ги трасирала преку детските хорови, па пеејќи со мандолинскиот оркестар на Рамадан Шукри и кратко време во хорот на Запро Запров.

- Моите корени потекнуваат од македонскиот зограф, етнограф, фолклорист и лексикограф Панајот Ѓиновски. Јас, како дете на родители со галички корени, неминовно е да го поседувам чувството за естетика, музика и уметност воопшто. Освен тоа, мајка ми имаше прекрасен глас, нешколуван, но со убава кадифена боја, а пак мојот татко, иако економист по вокација, беше голем вљубеник во уметноста. Посетувавме изложби, постојано одевме на културни настани. Негувајќи ја таа моја наклонетост кон музиката, моите родители на 7-годишна возраст ме запишаа во нижото музичко училиште во Скопје - додава Ѓиновска-Илкова.

Средбата со Милка Ефтимова и првиот школски допир со операта

Со оглед на тоа што отсекот оперско пеење не постоел во нижото музичко школо „Илија Николовски-Луј“, Ѓиновска-Илкова како апсолутен слухист добила предлог да почне да свири одреден гудачки инструмент, а тоа било виолончелото. Иако била целосно вљубена во овој инструмент, средбата со легендарната професорка по соло-пеење Милка Ефтимова првпат ѝ ги отворила видиците за потенцијалот на нејзиниот вокал и потребата тој да се школува.

- На една средба со Симеон Гугулоски во 1986 година, инаку првенец на македонската опера, кога  ме слушна како пеам, ме однесе кај Милка Ефтимова, професор по оперско пеење. Така го имав првиот школски допир со операта. Тоа беше преминот од основно во средно школо. Тогаш ја имав најголемата дилема дали да продолжам понатаму со музиката. Одлучив сепак да продолжам. Постепено навлегував во работата. Од родителите ја добив поддршката, а исто така и слободата да одлучувам самостојно - се присетува Ѓиновска-Илкова.

 

Ефтимова ми беше единствениот ментор во мојот живот

Влијанието на Милка Ефтимова во градењето на Ѓиновска-Илкова како пејач е клучно. Таа ѝ била ментор цели 8 години, токму во периодот кога Ѓиновска-Илкова го „печела“ пејачкиот занает и благодарение на Ефтимова, излегла од академските води како изграден пејачки производ, а подоцна и педагог.

- За факултетот, немав никакви дилеми дека ќе продолжам на Музичката академија во Скопје, каде што имав одличен професор - Милка Ефтимова. Таа ми беше единствениот ментор во мојот живот. Благодарна сум што правилно го водеше мојот глас и не дојде до никакви оштетувања. Во мојата работа многу лесно може да се уништи гласот. Во такви ситуации нема назад. Не постои замена, како на друг инструмент. Заедно во пакет се губи и самодовербата за пеењето. На тој начин се згаснати многу потенцијални пејачки кариери - советува Ѓиновска-Илкова.

Деби на сцената на МОБ во 1996 година, во улогата на Михаела во „Кармен“

Малку подоцна по дипломирањето, Ѓиновска-Илкова се вработила во Македонската опера и балет (МОБ), откако претходно работела со договор во национални театри надвор од Македонија. Додека студирала, патувала следејќи безброј концерти на светски оперски ѕвезди.

- Паралелно со претставите овде, гостував во речиси сите театри на поранешна Југославија.  Подоцна работев во театрите во Бугарија, Турција – Аспендос - Анталија, Тирана. Секаде пеев прима партии. Понатаму работев во Данска, Алборг центар, Копенхаген. Тоа беа долги исцрпувачки турнеи. По два месеца бев отсутна од дома. Притоа секогаш, во некој мал дел од мозокот имав претпазливост и дисциплина во однос на гласот. Секојдневно вежбање и работа на себе. Сето тоа преку препораки - додава Ѓиновска-Илкова.

 

Таа 1996 година и деби-настапот како Микаела во „Кармен“ се само почетокот на широката ризница на улоги што Ѓиновска-Илкова ќе ги одигра во нејзината кариера и за кои вели дека влегувала со максимална сериозност и подготовка.

- Дебитирав со улогата на Микаела во „Кармен“ во 1996 година. Гости беа Сергеј Дубровин во улогата на Дон Хозе и Јелена Влаховиќ во улогата на Кармен. Јас бев вистински вљубена во моето момче Љубомир, кој подоцна ми стана сопруг. Целата таа еуфорија ја поминав многу лесно, без особено нервози. Но, напоменувам, бев вљубена. Некоја година подоцна станав и мајка. Организациски морав да бидам подготвена за да успеам со реализација на активностите - завршува Ѓиновска-Илкова.

фото: приватна архива

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема