Ако не го оставиме детето да почувствува дека има свои играчки, а тоа
значи дека се само негови и тоа решава што ќе прави со нив, како тогаш
ќе може да даде нешто за кое сè уште не знае дека е негова
сопственост.
Секој што може да ги разбере реакциите на децата има револуционерно
мислење – Катрин Долто
Најтешкото прашање на секој родител - „Како најдобро се воспитува дете?“ е
прашање на кое не може да се даде еден одговор кој ќе биде универзален за
сите родители. Секое семејство во кое се развива едно дете има своја
уникатна констелација, различна од секое друго семејство. Затоа одговорот на
ова прашање е најтешкиот. Честопати родителите нестрпливо очекуваат одговор
од стручните лица, одговор во вид на некакво правило на воспитување кое се
состои од неколку засебни правила. Ако го добијат како таков одговорот, за кратко
време разбираат дека тоа не помогнало.
Најкратко и наједноставно можам да кажам дека: најдобро воспитано дете е она
дете чии родители се трудат да се соочат со своите комплекси, стравови,
суети и амбиции. Имено, доколку родителите работат на развојот, пред сè на
сопствената личност, многу лесно ќе можат да работат на развојот на своето дете.
Сепак, прво што треба да знае секој родител е тоа дека колку и да внимава да биде
добар, секогаш ќе прави грешки во очите на своите деца!
За да бидете добар родител, мора да го надминете чувството на вина. Односно, мислата
за „лош“ родител. Ако веќе го читаш овој текст и неговиот наслов те привлекол да
одвоиш неколку минути, тогаш сигурно не си „лош“ родител. Затоа што „лошите“ родители ништо не ги интересира за своите деца и не читаат текстови со
вакви содржини.
Една од поголемите грешки што сум ги уочила во текот на моето професионално
искуство е воспитувањето за чувство на сопственост кај децата. Најчестата глетка
низ детските паркови е борбата на родителите со играчките на децата. Секој
родител се обидува да го научи своето две-тригодишно дете да му ја „отстапи
играчката нa друго дете за малку да си поигра“. Често се лутиме на изгледот на
„себични“ деца кои чуваат сè за себе, но во повеќето случаи тие се оние што
подоцна стануваат најдарежливи. Затоа што детето мора прво да ја помине
фазата на сопственост, за подоцна да стигне до фазата на дарежливост. Ако не го
оставиме детето да почувствува дека има свои играчки, а тоа значи дека се само
негови и тоа самото решава што ќе прави со нив, како тогаш ќе може да даде
нешто за кое сè уште не знае дека е негова сопственост. Да не заборавиме
дека кога ги дава играчките под притисок, тоа често го прави за да им се допадне
на возрасните, кои имаат задоволна насмевка кога е послушно. Во тој случај тоа не
е дарежливост и не е природно. Чувството за дарежливост мора да се стекне
природно и без услови, доколку тоа не се постигне, нема да постои дарежливост,
туку едноставно гест за да остави добар впечаток, да биде сакано и прифатено.
Најдобро е родителите да не се мешаат премногу во отстапувањето,
разменувањето и земањето играчки. Добро е да се набљудуваат отстрана и
потоа да се зборува отворено за тоа што се случило. Веќе на шест-седум години
може слободно да се очекува штедрост од децата.
Сепак, треба секогаш како родители да имаме на ум дека никогаш не треба да ги
обвинуваме своите деца за „маките“ што ни ги создавале или создаваат.
Затоа што тие самите имаат толку многу непотребни маки, што и ние несвесно сме им ги наметнале.
Пишува:
Д-р Ана Чучкова