X
 24.10.2016 Култура

Дали верниците се посебични од атеистите?

Верници и атеисти


Вообичаените приговори за атеистите звучат вака: Како може да мислите дека сето ова е без причина? Кои сте вие да кажувате дека не постои Бог, судбина, божествен поредок? Колкава надменост треба да имате, за да си дозволите вакви тврдења?

Немоќта да се разбере случајноста и апсурдноста на природната селекција, го прават религиозниот ум да биде вчудовиден од можноста за среќа. Во тој контекст, Даниел Денет во својата најнова книга, From bacteria to Bach and back, пишува: „еволуцијата е процес што зависи од развојот на нештата кој речиси никогаш не се случил.“

Во првите редови на одбраната на ваквиот аргумент вообичаено стои моралот: без надзорник нема етика. Ричард Докинс во The God delusion го потврдува тоа, набројувајќи низа случаи на истородно однесување на атеистите и верниците кога се соочиле со морални загатки.

Повеќето луѓе носат исти одлуки кога се соочуваат со вакви дилеми, и нивната решителност за одлуките е посилна од подготвеноста да ги артикулираат причините. Тоа и треба да го очекуваме доколку имаме чувство за морал што се создало во нашиот мозок, исто како сексуалниот нагон или стравот од висина, на пример. 


Без разлика дали сме верници или атеисти, сите сме морални животни, барем теоретски, иако не секогаш во пракса. Докинс, исто така, се согласува со Денет во разликата меѓу верувањето во Бога и верувањето во вер(б)ата. Да се има вер(б)а резултира со позитивни ефекти врз психо-физичкото функционирање на луѓето, отколку кога се потпираме на некој божествен креатор. Кога ќе се вклучи логиката, според кажувањата на Јувал Ноа Харари во Sapiens, брзо се распаѓа моралниот аргумент.

Монотеизмот го објаснува поредокот, но бидува мистифициран од злото. Дуализмот го објаснува злото, но е неразбирлив за поредокот. Има само еден логичен излез од загатката – тврдењето дека постои  еден семоќен Бог што го создал целиот универзум и дека тој е зол. Но, историјата не поднесува вакво верување. 
  

Зад етиката стои фундаментална биолошка реалност. Во The Evolution of God, Роберт Рајт тврди дека религијата се појавува како полнеж (на англ. spandrel), поим кој го позајмил од Стивен Џеј Гулд, што значи „феномен што го поддржале гените и станал дел од видот дејствувајќи на друг начин наместо да го поддржува тој феномен“. Полнежите се нуспроизвод на природниот процес на уредување на нештата. Религијата се појавила благодарение на нашата уникатна неврохемија.

Рајт тврди дека секој организам за себе смета дека е посебен; и дека опстанокот зависи од таквото верување. Луѓето се можеби единствените животни кои можат да сонуваат, да запишуваат и да ја елаборираат етичноста врз основа на моралната имагинација, но биологијата е таа која секогаш победува: кога се чувствуваме загрозени, ни се активираат механизмите за опстанок. Може да сте мирољубиви, но во загрозувачка ситуација од вас ќе се појави дивјак. Веднаш потоа мислата ни ги подредува конструктите: ние сме одбраниот вид, одбраната раса, одбраната религија, одбраниот поединец.

Тука длабоко е вграден егоистичниот феномен наречен религија. Кога ќе се отстранат моралот и ритуалот (двата неопходни аспекти на човековиот општествен поредок), метафизичкото ги експлоатира нашите најдолни квалитети. Во книгата God is not great, Кристофер Хиченс пишува:

Религијата ги учи луѓето да бидат крајно себични и вообразени. Таа ги уверува дека Бог се грижи за секој од нив поединечно, и во нивниот ум им има всадено дека универзумот е создаден само за нив.

Дали религијата може да биде инклузивна за сите? Биологијата не мисли така. Сепак, на некој начин нашата имагинација е полнеж (spandrel) со чија помош создадовме машинерија да ги истражи нашите најлуди фантазии што досегаат надвор од планетата Земја.

Себичноста нè разделува едни од други, истовремено и нè ограничува. Можеби не треба оваа унитарна сила да ја нарекуваме религија чие етимолошкото значење е „да поврзува“, а практично се случува спротивното. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура