X
 25.08.2022 Наука

Не спиете доволно? Тоа може да ве направи посебични

Квалитетниот сон има влијание врз физичкото и менталното здравје. Сепак, дали знаевте дека непроспиените ноќи може да доведат и до себично однесување?

Според новото истражување објавено во вторникот во списанието „Плос бајолоџи“, недоволното спиење и лишувањето од сон влијаат врз личноста така што кај неа е помала веројатноста да помогне некому.

Истражувачите од Универзитетот во Калифорнија, Беркли, спроведоа три студии во САД кои го разгледаа овој „себичен“ ефект, анализирајќи ги промените во нервната активност и однесување што им користат на другите и открија дека тој преовладува дури и по мало губење на сонот.

Истражувачот Ети Бен Сајмон и Метју Вокер, професор по невронаука и психологија на Беркли и директор на универзитетскиот Центар за наука за човечки сон, ги воделе студиите.

- Дури и само еден час скратување на сонот беше повеќе од доволно за да се влијае врз изборот да се помогне некому - вели Бен Сајмон.

Кога ќе изгубиме еден час сон, постои јасен удар врз нашата вродена човечка добрина и нашата мотивација да им помогнеме на другите луѓе - објаснува тој.

Гледајќи ја базата на податоци од три милиони добротворни донации помеѓу 2001 и 2016 година, Бен Сајмон, Вокер и нивните колеги забележале пад на донациите за 10 отсто по летното сметање на времето.

Во друга студија истражувачите користеле функционална магнетна резонанса за да ја разгледаат активноста на мозокот на 24 луѓе по 8 часа сон и една ноќ без сон.

son
Фото: Freepik

Просоцијалната невронска мрежа - области на мозокот поврзани со теоријата на умот - беше помалку активна по лишувањето од сон, покажа студијата.

Теоријата на умот е способност да се земат предвид потребите, состојбите и емоциите на другите луѓе, што обично се развива во раното детство со социјализација.

Во третата студија, која го мери сонот на повеќе од 100 луѓе во текот на три до четири ноќи, истражувачите неочекувано откриле дека квалитетот на сонот е поважен од должината кога станува збор за мерење на себичноста.

Сонот и себичноста - која е тајната врска?


Тимот ги процени нивоата на себичност врз основа на одговорите на прашалниците пополнети од учесниците во студијата.

- Должината и квалитетот на спиењето обично влијаат врз емоционалното и социјалното однесување, така што тимот очекуваше да најде ефект од двете - рече Бен Сајмон.

Повеќе од половина од сите луѓе во развиените земји велат дека не спијат доволно во текот на работната недела, што Вокер го нарекува „глобална епидемија на губење на сонот“.

Опсежните истражувања веќе покажаа врски со нарушувања на менталното здравје како анксиозност и депресија, како и физички болести, како што се дијабетес и дебелина.

Сајмон и Вокер се надеваат дека нивното истражување ќе им овозможи на луѓето да добијат целосен сон без срам или стигма дека ќе бидат мрзливи.

Извор: CNN
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука