X
 09.10.2017 Колумни

КОЛУМНА: Кога сум студент


     
Колумна на Наталија Тасевска

Се сеќавам ко вчера да беше кога се запишував на факултет. Ми викаа „а бе, дете бе немој електро, земи нешто полесно, кај нас и онака работни места се добиваат со партиски книшки, што има па ти да се замараш“. Јас тврдоглаво тврдев дека не е така и во еден жежок августовски ден ги однесов документите во читална наполно убедена дека ако човек е доволно упорен, може да си ги оствари целите и без да се обои сино или портокалово. Денес, после три години сè уште верувам во тоа, па наречете ме глупава. Денес кога сум студент се чувствувам млада и полетна и сакам да го менувам светот. Секој ден станувам рано и трчам по автобус низ правливиот и задушлив воздух, за да стигнам навреме до наjблискиот кафемат и да се наполнам со енергија, па да продолжам на предавање или две. Сега кога сум студент редовно се туркам со пензионерите во ЈСП бидејќи тие мораат да стигнат до Буњаковец, зашто нема кај да се купат домати во Кисела Вода. Овие денови кога сум студент имам малку пари, а многу обврски. Пијам многу кафе и многу алкохол. На испити не паѓам често, или положувам или не се ни појавувам.


Како студент, секој месец излегувам на избори, тоа во Македонија е модерно, било парламентарни било претседателски, нешто да се случува, а и кој губи има право да се лути. Сепак, моето право на глас е помалку важно од она на пензионерите зашто тие полесно се манипулираат со: „Внуците ќе ви ги вработиме, фабрики ќе им изградиме“. Како студент имам празни џебови, а полна капа соништа. Како студент често доаѓам во ситуација да дискутирам со полуписмените кои се дрзнаа да ги оценуваат моите знаења со пет прашања на заокружување. Да, да, пет. Во текот на моето образование морав да полагам и екстерни тестови и да бојкотирам и да окупирам со цел да паднат апсурдните идеи на глупавите.

Како студент јас сум хронично ненаспана, и сè завршувам во последната минута пред рокот. Денес кога сум студент плаќам по двесте евра година, што реално и не е многу, ама плаќам и ИКСА и некакви си сто денари за студентски парламент воден од старци кои одамна нема што да бараат во студентските клупи. Jас сум број на индекс кој чека на шалтер барем еднаш во неделата, а зад тој шалтер има намуртени лица на кои се чита мојата вина, јас сум виновна без разлика на сè. Кога сум студент редовно ги посетувам тетките од копирница, а тие се обидуваат да ме убедат да купам девет збирки математика пошто Билјана од таму вадела задачи за колоквиум. Како да не. Кога сум студент пијам млако, а скапо макијато од бифе, зашто кафематите ни ги однесоа од ходникот. Кога сум студент идам на лабораториски, иако знам дека се бескорисни. Ако се појавиш, нема плус поени, ама ако не се појавиш, има минус. Кога сум студент киснам во читална решавајќи интеграли и диференцијали, колнејќи и пцуејќи сè живо, пошто нели кога па ќе ми ги притреба во животот.

Сега кога сум студент се будам рано наутро и размислувам за животот, размислувам дали е вредно да се напушти топлината на креветот за студенилото на 223. Кога сум студент полагам испити во осум навечер во студен амфитеатар, затоа што преку ден нема место, во истите простории мора да учат и ФИНКИ и Машински. Кога сум студент барам сто денари за кафе од тато и без да се буни тој ми дава, зашто нели „Сине твојата единствена обврска е да учиш, ние ќе се грижиме за другото.“ Кога сум студент живеам на брза храна и кафе и на шеги на сметка на професорите. Кога сум студент се смеам многу и уживам затоа што сфаќам дека тоа е тоа што го сакам. Кога сум студент се плашам да дипломирам зашто тоа би значело автоматски да се стане возрасен човек од кој се очекува вистински да преземе одговорност за своите постапки. Кога сум студент уморна сум од утро до мрак, а сепак е интересно на свој начин. Сите мои другари и онаа еуфорија после колоквиумска кога сите славиме, било паднати било положени испити. Сè дури сум студент јас друга партиска книшка не признавам освен мојата - црвената. Освен индексот. Кога сум студент сфаќам дека ова се најубавите години од мојот живот и дека иако летаат, јас навистина уживам во нив.

Автор: Наталија Тасевска

Наталија Тасевска е студент на Факултетот за eлектротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје. Таа е флексибилна, креативна личност и вели дека одлично го менаџира времето. Почнала да пишува во средно училиште, а се натпреварувала на повеќе литературни конкурси.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни