Колумна на Викторија Митевска
Прва вест што ја здогледувам на порталите последните денови – беснеењето на најсилниот ураган што го погодил Атлантикот. Гледам мноштво слики кои сведочат за јачината и пустошот на овој феномен. Слики од кои сите ги облева ужас, од кои секој би потонал во длабока тишина и размислување. Е дури тогаш ќе се запрашаме: Што се случува? Дали човекот е виновен? Дали е погрешно неговото дејствување? Што ако се работи за природна појава, независна од антрополошкиот фактор? Ова се само дел од прашањата што ќе ги слушнеме, а и самите си ги поставуваме во период кога делови од светот се подложни на удар на еден од најсилните урагани во историјата. И не е важно дали е Ирма, Луси, Хуго или Харви, сите тие означуваат само едно – голем број загинати лица и огромна материјална штета.
И сега, нели својствено за нашата природа, повторно прашуваме кој ќе ја сноси вината. Одговори даваат стручњаци, научници, разни интелектуалци, но не, никој не дава конкретен одговор што точно се случува, како да се реагира и што може да направиме.
А можно ли е ние да сме причинителите? Па, можеби сме. Зарем не сме сведоци на климатските промени во последните години, глобалното затоплување, индустриското загадување на атмосферата и многу други невообичаени појави, кои многумина ги означија како дело и последица на лошото дејствување на човекот? Видете, не сите размислуваат вака. Некои меѓу вас мислат дека ова е природна појава и според тоа наместо да бараме каде е вината, треба да работиме на изнаоѓање начини како да се справиме со новите климатски промени што нè очекуваат во иднина. Одговор и разврска нема. Но ајде луѓе, зарем треба да чекаме да ни кажат дека треба да го промениме нашето дејствување иако веќе знаеме дека е лошо? Па баш и не мора да сме директни причинители на нештото за да се освестиме. Потреба е свест, свест на светот, на секоја држава, на секој човек. Дајте да не наоѓаме изговори за да направиме нешто добро за природата, за нас, да го направиме сите заедно светот подобро место за живеење. И да, можеби има нешто што не зависи од нас, нешто што е надвор од опсегот на нашата моќ, но да не се залажуваме, и тоа може да се превенира и ублажи во случај кога не може целосно да се отстрани. Наша задача, па и обврска е да пробаме, дури и тоа да остане само обид без резултат. Но да продолжиме со обиди, без откажување. Доста е со поставување прашања и барање одговори. Време е за дејствување, дојде време да си помогнеме едни на други. И ова нема да го направиме само за нас, ова е битка за подобро денес, но и подобро утре. Па ајде, зошто да не бидеме херои на сегашните и идните генерации?
Автор: Викторија Митевска
Викторија Митевска е магистер по правни науки од областа на граѓанското материјално право. Дипломирала и магистрирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Желбата за пишувањето ја има од најмала возраст. И денес слободното време го користи за пишување или читање добра книга. Најмногу сака да пишува поезија, кратки раскази и колумни. Нејзиното мото е дека само преку зборовите може да ги изразиме нашиот став и мислење, како и сето она што го чувствуваме во срцето.