X
 26.11.2017 Технологија

Приказната на основачот на „Линкдин“

Основачот на „Линкдин“, милијардерот Рејд Хофман, во интервју за „Бизнис инсајдер“ го открил својот пат до успехот. Иако немал стандардно образование за бизнис, добро ги искористил своите аналитички и стратешки способности.

фото извор: REUTERS/Mike Segar

Роден е во Пало Алто, Калифорнија, во 1957 година, а неговите родители биле адвокати. Многу сакал да игра стратешки игри, а на 12 години креатор на видеоигри го најмил како консултант за создавање нова игра. Уште како мал сакал да биде независен и ги убедил родителите да го испратат во интернат во Вермонт. По средното училиште се вратил во Калифорнија, па се запишал на „Стенфорд“, каде што нашол слични на себе, меѓу кои и идниот милијардер Питер Тиел. Нивното пријателство подоцна се покажува како едно од највлијателните во Силиконската долина.

Дипломирал во насоката симболични системи, програма која се концентрира на комбинирање компјутерска наука и филозофија. Се одлучил да гради кариера како јавен интелектуалец, па отишол на „Оксфорд“ за да добие мастер по филозофија и тоа го комплетирал во 1993. Омилени филозофи му се Аристотел, Ниче и Витгенштајн.

фото извор: Reid Hoffman

Не жали за образованието што го стекнал, но одлучил да ѝ се посвети на технологијата. Кога видел други како се занимаваат со тоа, со цел да го направат светот подобро место и да го олеснат живеењето, и тој го посакал истото. Во 1997 одлучил да основа своја компанија - „СошлНет“ – една од првите социјални мрежи. Со тоа завршил во 1999 година. Во 1998 се приклучува во „Пајпел“. Хофман ги искористил заработените пари за да го формира „Линкдин“ во 2002 година заедно со уште 4 негови пријатели.

Исто така, Хофман и Тиел станале советници на Марк Зукерберг, основачот на „Фејсбук“, во изминатите 15 години, па Хофман истакнал дека не видел некој да направи таква радикална трансформација во визуелното функционирање како Марк. Хофман се водел како извршен директор на „Линкдин“ до 2007, но потоа неговото место го презема Ден Наји, а потоа Џеф Винер, додека Хофман останува претседател на компанијата. „Линкдин“ во 2011 година стана јавен сервис. Хофман и Винер одлучиле да станат дел и од поголема компанија, па тоа и го сторија во јуни 2016, приклучувајќи се на „Мајкрософт“. Сепак, „Линкдин“ е независна подружница на „Мајкрософт“. Хофман таа одлука ја оценува како многу тешка, но бидејќи се согласувале со „Мајкрософт“ за нивните цели и планови, одлучиле дека тој чекор ќе биде корисен.

фото извор: Jacqui Ipp

Хофман се смета за еден од најдобрите инвеститори во Силиконската долина, кој има одлична мрежа на претприемачи и извршни директори во технолошкиот свет. Денес кај него уште поизразена е желбата да биде јавен интелектуалец кој ќе работи на промената на светот на подобро.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија