X
 18.03.2024 Живот

Дигиталните духови на починатите се сериозна закана за менталното здравје

Кога Ким Кардашијан го прославила својот 40-ти роденден, нејзиниот тогашен сопруг Канје Вест ѝ подарил холограм од нејзиниот починат татко Роберт. Ким била трогната од подарокот и многумина сметале дека можноста повторно да го види и слушне нејзиниот мртов татко може да ја обезбеди потребната утеха.

Но, како сето тоа би влијаело врз нашето здравје и дали таквите „дигитални духови“ можат да го одложат процесот на тагување?



Технологијата и менталното здравје


Појавата на духови го заинтригирала Најџел Малиган, асистент-професор по психотерапија на Факултетот за медицински сестри, психотерапија и здравје на заедницата при Универзитетот во Даблин. Тој вели дека е загрижен за можните ефекти на технологијата за вештачка интелигенција врз менталното здравје на оние што ја користат, особено оние што се во процес на тагување.

- Воскреснувањето на мртвите луѓе како аватари има потенцијал да предизвика повеќе штета отколку добро, продолжувајќи и засилувајќи ги конфузијата, стресот, депресијата, паранојата и психозата - предупредува Малиган.

Дигиталните духови би можеле да бидат утеха и да им помогнат на оние што тагуваат повторно да се поврзат со саканите што ги изгубиле. Но, според Малиган, тоа не е толку позитивно.

Резултатите од едно истражување укажуваат на тоа дека дигиталните духови треба да се користат само како привремена утеха за да се избегне потенцијално штетна емоционална зависност од технологијата. Дигиталните духови можат да бидат штетни за менталното здравје на луѓето бидејќи го попречуваат природниот процес на тагување. Тагата бара време и има многу различни фази кои можат да траат со години.



Фројд и процесот на тагување

Психоаналитичарот Сигмунд Фројд се занимавал со реакциите на човечките суштества на искуството на загуба и чувството на вина што се јавува поради амбивалентни чувства кон починатиот или поради нечија трагична смрт. Фројд оваа состојба на таканаречена комплицирана тага ја нарекол „меланхолија“.

Факт е дека во некои екстремни случаи човек може да доживее привиденија и да халуцинира дека гледа мртва личност и да почне да верува дека е жива. Дигиталните духови, предупредува Малиган, можат дополнително да го трауматизираат некој што доживува комплицирана тага и може да ги влошат халуцинациите.

 

Малиган, исто така, укажува на ризикот дека овие дигитални духови би можеле да кажат штетни работи или да им дадат лош совет на ужалените. Генеративниот софтвер како „Чет-ГПТ“ веќе беше мета на критики поради давање дезинформации. Што ако духот на вештачката интелигенција на починатиот родител ви каже дека тој навистина не ве сакал, дека повеќе ги сакал вашите браќа и сестри? Или ако дигитален дух ви предложи да му се придружите во смртта или почне да ве убедува дека треба да убиете или да повредите некого?

Заборавањето е здраво


Малиган советува дека заборавањето е важен елемент на здравата тага, па луѓето ќе мора да најдат некои нови и позначајни начини за сеќавање на починатиот.

Извор: Bug.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот