X
 27.06.2019 Технологија

Зошто ви се појавуваат огласи за работи за кои сте разговарале со пријателите? Шефот на „Инстаграм“ има одговор

Во интервју за Си-би-си њуз, извршниот директор на „Инстаграм“, Адам Мосери, рече дека огласите што навидум се појавуваат веднаш откако ќе зборувате за производите во реалниот живот главно се последица на „глупава среќа“.

Водителката го прашала Мосери зошто во текот на разгледувањето на „Инстаграм“ гледа реклами за производи што никогаш не ги пребарувала, но ги споменувала. Ако користите „Инстаграм“, тогаш веројатно знаете за што станува збор. Ќе споменете дека ви треба нов куфер за летување и набрзо ќе се појави оглас за куфери. Мосери понуди два можни одговори за појавата на сомнителните огласи.

- Едното објаснување е глупава среќа; тоа може да се случи. Другото е дека можеби разговарате за нешто што ви е на памет, бидејќи на тоа сте налетале во последно време. Тоа ви е на ум, можеби во потсвеста и тогаш се појавува. Мислам дека ваквите работи често се случуваат на суптилен начин - вели тој.

Иако „Инстаграм“ можеби не ја следи вашата комуникација за да ви испрати огласи, апликацијата прикажува огласи врз основа на вашите интеракции и интереси. Тие огласи се генерираат врз основа на личностите што ги следите и фотографиите или видеата што ги сакате или коментирате. Исто така, „Инстаграм“ користи демографски податоци од матичната компанија „Фејсбук“ за да одреди што ве интересира, сортирајќи ги корисниците во најмалку 52.000 категории на огласи.

Платформите на социјалните мрежи знаат за нас повеќе отколку што сме свесни, а корисниците повеќе не се сигурни колку тие знаат. Апликациите, особено виртуелните помошници како „Гугл асистант“, „Амазон Алекса“ и „Епл Сафари“, постојано ве слушаат за побрзо и поедноставно да им пристапите со својот глас.

Затоа, не е чудно што корисниците претпоставуваат дека „Инстаграм“ ја прави истата работа. За тоа е свесен и Мосери.

- Не ги гледаме вашите пораки и не ве слушаме, тоа би било доста проблематично поради многу причини. Но, јасно ми е дека не ми верувате - вели тој.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија